Самоопределување освои најмногу гласови, но не и доволно за самостојно мнозинство
Партијата Самоопределување на Албин Курти излезе како победник на парламентарните избори во Косово, но изборниот резултат не ѝ обезбедува доволно пратеници за самостојно формирање влада. Во наредниот период се очекуваат разговори со другите политички партии за обезбедување парламентарно мнозинство.
Курти најави дека ќе разговара со сите политички субјекти, нагласувајќи дека приоритет ќе бидат јавниот интерес и државните цели.
„Во наредните недели ќе се сретнеме, ќе соработуваме со сите партии затоа што пред сè е, јавниот интерес, волјата и суверената Република на која ѝ служиме со посветеност. Сметајте на нас не само во работата што ја работиме, туку и во соработката што ја правиме“, изјави Курти.
Курти ја критикуваше и опозицијата
Во победничкото обраќање, лидерот на Самоопределување упати критики и кон опозициските партии, оценувајќи дека косовското Собрание не функционирало како што треба.
„Она што му недостига на Косово не е влада, ниту претседател, туку Собранието. Опозицискиот блок не оди на работа. А ние сме заинтересирани и опозицискиот блок да оди на работа. Се надеваме дека тоа ќе се случи во новиот, 11-ти пратенички состав“, рече Курти.
Изборите беа распишани откако претседателката Вјоса Османи го распушти парламентот и кон крајот на минатата година одреди предвремени парламентарни избори.
Во српскиот политички блок, Српска листа ги освои сите десет пратенички места загарантирани за српската заедница. Од партијата обвинија дека имало обид да им биде одземен еден мандат и се заблагодарија за поддршката од гласачите, тврдејќи дека во текот на изборниот процес биле изложени на притисоци, апсења и малтретирања.
