Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека протестите во северно Косово се „протести на луѓе кои го обожуваат воениот злосторник (поранешниот српски претседател, Слободан) Милошевиќ“, а не за нови избори во тие општини со мнозинско српско население, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната собраниска седница, на која се расправа за состојбата во северно Косово, Курти порача дека во Косово власта не може да се освои со насилни средства и „со напади врз КФОР, полицијата и новинарите“, туку само на избори.
– Тие што не критикуваат од Белград дека имаме мал легитимитет, тие самите немаат легитимитет. Србите од (партијата) Српска листа имаат легитимитет нула. Нивниот повик за бојкот (на локалните избори во северно Косово) беше погрешна злонамерна одлука, поради која треба да ги сносат последиците, а не ние. Во Косово власта може да се освои само на избори, не со гранати, шок-бомби и со напади врз КФОР, полицијата и новинарите. Ова не се протести за нови избори, туку се протести на луѓе кои го обожуваат воениот злосторник Милошевиќ, изјави Курти.
Тој додаде дека во северно Косово, каде што локалните Срби протестираат против новизбраните градоначалници Албанци во тамошните четири општини, уште од 1999 дејствуваат илегални структури и дека ситуацијата таму не е нормална ниту сега, а не била нормална ни пед 20 години.
– Ако општинските згради не се за градоначалниците, тогаш за кого се. Уште од 1999 има илегални паралелни структури таму, не можеме и ние да создаваме паралелни структури. Ние не би требало да ја почитуваме нашата држава помалку одошто тоа го чинат меѓународниците… Јас наспроти демократите сум демократ, но наспроти национал-шовинистичките екстремисти сум суверенист. Ситуацијата на север не била нормална ниту пред две недели, ниту пак пред 20 години, изјави Курти.