Во Косово се изразува загриженост поради воените вежби на српската армија во близина на границата. Премиерот Албин Курти оцени дека станува збор за дестабилизирачки потег и побара меѓународна реакција.

Курти изјави дека Србија ја користи армијата како „инструмент за притисок“ со цел, како што рече, да одржува постојана тензија во регионот.

– Вежбите на 63-та падобранска бригада, кои вклучуваат хеликоптери и падобрански операции во непосредна близина на границата, претставуваат „опасна демонстрација на сила“ – вели Курти.

Претходно, градоначалникот на Гнилане Албан Хусени и градоначалничката на Прешево Ардита Синани информираа дека српските сили изведуваат воени вежби во пограничниот појас, оценувајќи ги како „провокативни“.

Загриженост изрази и Енкел Реџепи, претседател на Албанскиот национален совет во Србија.

Курти оцени дека ваквите активности претставуваат обид за притисок и заплашување на Албанците во јужна Србија, кои, според него, со години се соочуваат со „административно етничко чистење“.

Тој потсети и на нападот во селото Бањска во 2023 година, кога вооружена група нападна косовска полиција, при што загинаа еден полицаец и тројца напаѓачи. Одговорност за нападот презеде Милан Радојчиќ, поранешен функционер на партијата Српска листа, додека Белград негираше вмешаност.

Според Курти, Белград ја користи актуелната ситуација за тестирање на подготвеноста на безбедносните институции и за влијание врз стабилноста на Западен Балкан, алудирајќи и на поддршка од Русија и Иран.

– Институциите на Косово остануваат подготвени да одговорат на секоја закана, но време е меѓународната заедница да реагира и да го санкционира ваквиот пристап – изјави Курти.

Тој повика и на заштита на правата на Албанците во Прешево, Медвеѓе и Бујановац.