Ослободителната пресуда во случајот „Талир 2“ е резултат на целосна партизација на судството и на смислено сценарио со кое се спречува конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ и се спасува поранешниот премиер Никола Груевски, обвини денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
На прес-конференција во партиското седиште, Кузеска изјави дека исходот од предметот ги потврдува досегашните предупредувања на СДСМ за постепено преземање на контролата врз правосудството од страна на власта. Според неа, токму случајот „Талир 2“ покажува зошто не се спроведуваат суштински реформи во правосудниот систем.
Кузеска тврди дека зад постапувањето во предметот стои добро разработено сценарио чија цел била да се спречи конфискацијата на имотот на ВМРО-ДПМНЕ и да се обезбеди ослободување на Груевски. Таа се повика на тврдењата на поранешната обвинителка во предметот, Ленче Ристоска, која, како што рече, открила детали за намерно одложување и развлекување на судскиот процес.
„Обвинителството не се спротивставило ниту кога ВМРО побарало одлагање на рочиште, иако нивното присуство не било законски задолжително. Сите овие одлагања довеле предметот да влезе во рокови што, практично, не му оставаат време на Апелациониот суд мериторно да одлучува. Ова се исклучително сериозни обвинувања од обвинителката која со години го водеше предметот. Ова е вистината“, изјави Кузеска.
Таа посочи дека и судијката што го водела предметот укажала на недоследности во постапувањето на Обвинителството. Според Кузеска, новоназначениот обвинител не го приспособил обвинението на измените на Кривичниот законик.
„Сè е јасно како ден. Ете како контролираното судство на Мицкоски ја спречи конфискацијата на имотот на ВМРО и го спаси Никола Груевски. Затоа Ристоска беше тргната од предметите и ѝ беа одземени овластувањата. Јавно беа таргетирани судии и обвинители кои работеа на ‘Талир 1’ и ‘Талир 2’“, рече Кузеска.
Портпаролката на СДСМ дополнително обвини дека власта намерно извршила промена на јавниот обвинител и поставила обвинителка која, според нејзините зборови, се споменува во тефтерот на Сашо Мијалков и е позната од објавените прислушувани разговори. Таа тврди дека во изминатиот период биле именувани судии блиски до владејачката партија.
Како конечен резултат на, како што го нарече, партизираното правосудство, Кузеска посочи дека Груевски е ослободен од одговорност, додека имотот за кој обвинението тврдеше дека е стекнат на незаконски начин останува во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ.
Според неа, пресудата во „Талир 2“ е најсилен доказ дека кога ВМРО-ДПМНЕ ја контролира државата, судството не им служи на граѓаните и на правдата, туку се користи за заштита на власта и на криминалот.
