Капитенот на македонската ракометна репрезентација очекува победа против Романија
Пред утрешниот меч со Романија, капитенот на македонската машка ракометна репрезентација, Филип Кузмановски, се осврна на изданието против Португалија (29-29) и го најави дуелот со Романија.
„Сигурно дека многуте одиграни големи натпреварувања на дел од играчите се од голема помош. Имаме многу играчи кои играат во своите клубови и имаат главни улоги, носат тешки одлуки и играат дерби натпревари. Мислам дека нашиот напредок во репрезентацијата се должи на тоа. Добро се познаваме дека сме долго заедно и треба да бидеме среќни. Покажуваме квалитет во текот на целите натпревари, не само во одредени сегменти. Со тоа темпо на игра, ова е модерен ракомет и нема да застанеме. Имаме квалитет да напредуваме и да бидеме уште подобри со секој натпревар и првенство. Улогите во клубовите се најважни, така расте самодовербата и мора повеќе да веруваме во себе бидејќи имаме квалитет. Треба да го смениме менталитетот, ете сега покажуваме дека можеме да се вратиме и од пет разлика. Повеќе веруваме и позрели сме, сите така се чувствуваат и тоа го покажуваат на теренот. Можеби вчера ни недостигаше малку среќа за да се израдуваме на победа за да го докажеме квалитетот, дека можеме да се носиме со сите физички и тркачки.
Секогаш по еуфорија некои работи се забораваат, мора да има пофални зборови и за одбраната и за голманите. Долго време се подготвувавме да играме со Џонов, Петар и Маркоски, но потоа се снајдовме во вториот дел. Сите се боревме еден за друг, тоа беше планот и мотивацијата пред натпреварот. Се потрудивме одбраната да им помогнеме на голманите. Штета што не ги искористивме двете одбрани на Томовски, но така требало да биде, да имаме среќа во следниот натпревар.“
Кузмановски зборуваше и за мечот со Романија:
„Ќе бидеме среќни со победа, а потоа ако се укаже шанса ќе гледаме да направиме разлика. Романија исто е квалитетна репрезентација, можеби има таргет да нè победи нас на утрешната средба. Ако го повториме мечот со Португалија, мислам дека нашата победа е загарантирана. Мора да влеземе со ладни глави, 60 минути фокус и концентрација на нашата тактика и игра, па на крај би се радувале. Се надевам дека можам да одиграм пан добро и верувам во себе, сакам и треба да победиме за Македонија. Ова Европско првенство треба да го паметиме, треба да одиме напред. Пак ќе се обидам да дадам максимум. Тешко е да се повтори таков натпревар, иако посакувам. Моите соиграчи многу ми помогнаа. Посакувам утре и друг да биде лидерот и да биде играч на натпреварот, ама на крај да се радуваме на победа. Во сите играчи има квалитет, да одиграме квалитетно и нека победи тимската игра.“
Македонските ракометари утре ќе го играат својот дуел против Романија, во рамки на третото коло од Групата Б на Европското првенство.
