Реал Сосиедад, Алавес, Кадиз, Гранада и Мајорка влегоа во новата сезона без спонзори на своите дресови. Фудбалерите на Кадиз изминатиот викенд за последен пат истрчаа на теренот со жолти дресови на кои беше испишано името на филипинската обложувачница „Dafabet“.

Баравме правен начин, сепак, да го задржиме тоа име на нашите дресови, но, сепак, ќе мораме да пронајдеме заменски спонзор. Веројатно ќе успееме во тоа, соопшти клубот од југот на Шпанија, кој годишно од „Dafabet“ инкасираше два милиони евра.

Шпанската левичарска Влада на крајот од минатата година донесе закон со кој рекламирањето на обложувалници и игри на среќа од денеска целосно се забранува на спортски настани, додека на телевизиите и радијата се ограничува само во период од 01 до 05 часот наутро.

Ла Лига, телото кое ги организира натпреварувањата во првата и втората фудбалска лига во Шпанија, објави дека 32 од вкупно 42 професионални екипи имаат спонзор поврзан со секторот на обложување и игри на среќа.

Да се има толку голем број на фудбалери, кои рекламираат обложувалници, или, носат дресови со име на обложувалници и на тој начин ги повикуваат младите да се обложуваат не е добра порака. Тоа не е игра каква што сакаме, изјави директорот на владиното тело за регулирање на игрите на среќа во Шпанија, Микел Арана.