Посредникот на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, кој денеска престојува во работна посета на Приштина, изјави дека ЕУ очекува поголем напредок во имплементацијата на Основниот договор од Брисел, кој беше постигнат меѓу косовскиот премиер, Албин Курти и српскиот претседател, Александар Вучиќ пред повеќе од една година, јави дописникот на МИА од Приштина.
На прес-конференција по средбата со косовскиот вицепремиер и главен преговарач во дијалогот со Србија, Бесник Бислими, Лајчак информира дека со неговиот домаќин меѓу другото разговарал и за регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК) со која еврото е единствена официјална валута на Косово.
– Документот е правно обврзувачки во целост, но помина една година откако го постигнавме овој договор и би сакале да видиме подобра имплементација на истиот и ова беше едно од прашањата за кои разговаравме: како да започнеме со имплементација на овој договор. И, второто прашање за кое разговаравме, а исто така е важно, е најновата регулатива на ЦБК за готовинските плаќања. Причината зошто дискутираме за ова прашање се некои одредби кои се релевантни за дијалогот, рече Лајчак.
Тој информира дека планира во наредните денови да одржи средба меѓу главните преговарачи на дијалогот.
– Разговаравме за долга листа на прашања. И најважно е спроведувањето на постигнатиот основен договор и ова е во интерес на сите да има напредок во неговото спроведување. Тоа е најдобриот договор што можевме да го добиеме. Да имаше подобар договор ќе го направевме, затоа во интерес на сите е тој да се спроведе. Затоа што во овој договор ги имаме сите одговори, што да правиме и како да го направиме тоа, рече Лајчак.
Единственото прашање, додаде тој, е кога ќе се реализираат тие точки.
– Потрошивме многу време за да преземеме чекори и постои страв од двете страни што ќе направам јас и што ќе направи другата страна. Но, верувам дека овие прашања можат да се решат многу едноставно, изјави Лајчак.
Емисарот на ЕУ рече и дека на последниот состанок во Брисел на партиите им било оставено да одлучат кого сакаат да испратат на состанокот.
– Како што знаете, одржав состанок на ниво на експерти минатата недела во Брисел. Средбата беше конструктивна и успеавме да најдеме одговори на некои прашања, но има и прашања кои го надминуваат мандатот на тие експерти. Разговаравме за тоа со г. Бислими, нашата комуникација ќе продолжи и планирам во наредните денови да одржам уште една средба на ниво на главни преговарачи, така што ова беше главната причина за мојата посета, изјави Лајчак.
Тој додаде дека добил одговори на многу прашања, нагласувајќи дека ќе треба да ги анализира одговорите.
– Ова е процес. Треба да се погрижиме на крајот да нема луѓе, граѓани, поединци кои на кој било начин ќе бидат негативно погодени. Ова секако е наша грижа, рече Лајчак.