Специјалниот претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалоготот Белград – Приштина Мирослав Лајчак се обидува да организира средба во Братислава меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори.

Меѓутоа овие извори предупредуваат дека без разлика на волјата на европските посредници, мали се шансите за средба бидејќи не постои подготвеност кај инволвираните страни.

Имено, Лајчак, Вучиќ и Курти деновиве треба да престојуваат во Братислава на форумот на тинк-тенк организацијата ГЛОБСЕК што се одржува меѓу 29 и 31 мај. Српскиот претседател и косовскиот премиер се закажани како панелисти во одделни настапи, а се верува дека тоа би било добра можност да се одржи вонреден состанок на највисоко политичко ниво, во светло на новите тензии на северот на Косово.

Мнозинското локално население од српска националност протестира во последните денови против новоизбраните градоначалници на општините на северот, кои се косовски Албанци. Албанските градоначалници беа избрани по бојкотот на српското население и со минимална излезност.

Тензиите во општините на северот на Косово, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, во последните денови прераснаа во насилство. За време на вчерашните немирите беа повредени 30 војници на мировната мисија на НАТО на Косово, како и повеќе од 50 Срби, потсетува РСЕ.

Престојот на косовскиот премиер, српскиот претседател и европскиот претставник во главниот град на Словачка – Братислава се смета за добра можност за организирање  „ад хок“ средбата. Евентуалниот состанок би се одржал утре, а според повеќе европски извори, Мирослав Лајчак за оваа идеја има поддршка од земјите членки на ЕУ бидејќи средбата би придонела за намалување на тензиите на северот.

Меѓутоа според досегашните информации со кои располага РСЕ, засега нема доволно волја на засегнатите страни за таква средба.