Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска на денешната собраниска седница на која се дискутира за именување на нови заменици министри рече дека и Димитар Ковачевски е свесен дека нема ништо да променат за 10 месеци, бидејќи имале 6 години, а ништо не направиле.
Џабе е се, за 10 месеци, ниту овој за одбрана, ниту за земјоделие, ниту за образование нема ништо да направат. Вие имавте 6 години, а ништо не направивте. И ова не го зборува само ВМРО-ДПМНЕ, ова го зборуваат анкетите и свесни сте затоа сте нервозни, рече Ласовска.
Овие ништо нема да направат за оние 500.000 граѓани кои што живеат на работ на сиромаштијата. Знаете што е иронично? Тоа што вие дојдовте со девизата живот за сите, и вчера пекарите велат нема веќе леб да произведуваме, и иронијата е во тоа ќе нема леб, и од живот за сите, до леб за никој, додаде таа.
Според Ласовска владата на СДСМ и ДУИ нема да издржи до редовните избори, а дури и тоа да се случи тоа сето ќе биде на штета на граѓаните, бидејќи како што рече се што ветиле за се излажале.
Нема да издржите за редовни избори. Дури и да издржете на сила да ја лепите Пазар 3 коалицијата, тоа ќе биде само на штета на граѓаните. Докажавте дека не сте способни, се што ветивте за се излажавте, му порача Ласовска на Ковачевски.