Веројатно тешко дека постои некој од нас кој на времето не изгледал барем еден латино-американски серијал.

Емитувани на речиси секоја македонска телевизија повеќе од две децении, овие серии претставуваат обележје на кое сите се сеќаваме.

Пожртвуваната мајка во улога на слугинка, љубовни триаголници кои никако не се отплеткуваат, илјадници солзи пролеани поради недозволената љубов и ред други „апсурдни“ содржини кои ги среќававме низ епизодите што секојдневно го задржуваа нашето внимание пред малите екрани.

Но, покрај идентичниот содржински протокол мора да признаеме дека токму овие серии се виновниците за совладувањето на шпанскиот јазик ширум нашата популација.

Многумина од нас, незадоволни од синхронизираните турски серии кои одамна го заземаа нивното место бараат латино-американските серијали повторно да се вратат на телевизиските програми.

Во продолжение ви издвојуваме 15 популарни латино-американски серии кои се емитуваа на ТВ екраните:

Касандра (1992-1993)

Теленовела која сочинува 150 епизоди и влезе во Гинисовата книга на рекорди како ТВ серија на шпански јазик што се емитувала во најмногу држави, вкупно 128.

Типична латино-американска приказна: Младата и убава Касандра се венча со богатиот Игнасио кој е убиен на првата брачна ноќ, а за потенцијален виновник е прогласена токму таа.

На оваа хероина се угледуваше голем број од женската популација, додека пак машката половина беше магепсана од нејзината убавина.

Да не го запоставиме бестрашниот Ранду кој со својата сила го претставуваше симболот на машкоста.

Марисол (1996)

Повторно една испреплетена приказна во која херојството го предводи младата Марисол.

Лузната која таа ја носи, всушност го претставува нејзиниот тежок и макотрпен живот.

И секако за оваа „трагична“ ТВ новела да биде комплетна, се појавува сликарот Хосе Андрес, односно љубовта на Марисол.

Есмералда (1997)

Серија која го освои целиот свет, а кај нас се емитуваше во 1999 година.

Замена на две бебиња и воедно испреплетување на судбините на слепата Есмералда и Хосе Армандо кои по долг временски период се запознаваат и се заљубуваат еден во друг.

Исто така, младата Есмералда претставува една од убавиците со кои се поистоветуваа многу од девојките.

https://www.youtube.com/watch?v=q015TeUTp9w

Дивиот ангел (1998-1999)

Серија која убедливо обединуваше многубројни семејства пред ТВ екраните.

Цели 270 епизоди во кои главната улога припаѓаше на убавицата Милагрос (Наталија Ориеро), која остана запаметена не само по извонредната глума, туку и по нејзининиот ангелски глас.

„Cambio dolor“, „Me muero de amor“ се едни од нумерите на оваа серија кои сѐ уште опстојуваат во нашата меморија.

https://www.youtube.com/watch?v=6rDerwpygxc

Росалинда (1999)

Росалинда е една од најпознатите мексикански теленовели. Оваа серија кај нас се емитуваше во 2002 година.

Во главната улога се појавува познатата мексиканска пејачка Талија, која исто така ја испеала и насловната нумера.

Таа во улогата на Росалинда се заљубува во Фернандо додека разнесува цвеќе во неговиот ресторан.

Љубовта е обострана, но попречувана од мајката на Фернандо, поради економската состојба на Росалинда.

Есперанса (1999)

Приказна за „невозможната“ љубов на Есперанса и Луис Густаво кои по детството биле намерно се разделени, а по многу години судбината повторно ги соединува. Познато нели?

Нумера која ја обележа оваа серија е „Nunca te olvidare’’ која го носи токму името на серијата, а е изведена од незаменливиот Енрике Иглесијас.

Клон (2001-2002)

Оваа серија се смета за една од најпопуларните и таа обработува теми за исламот, тргувањето со дрога, како и клонирањето. Главните улоги ги заземаат Жаде и Лукас.

Жаде е млада жена со арапско потекло, која по смртта на мајка ѝ оди да живее во Мароко со семејството на својот татко. Лукас е млад романтичар, кој за време на својот одмор во Мароко ја запознава Жаде.

Тие бараат начини да ја остварат својата љубов, додека претходно напишаната судбина ќе ги претвори случувањата во нивните животи во магична приказна во која никој не ќе може да предвиди што ќе се случи следно.

Серија која сплоти многу генерации и преку дејствијата на ликовите даде разни поуки.

Љубов и омраза (2002)

Љубов и омраза дефинитивно претставува една од запомнетите теленовели. Оваа серија го освои целиот свет, како и нашата земја.

Приказна за тенката граница помеѓу љубовта и омразата на навидум грубиот, а сепак жеден за љубов Октавио и младата, невина Ана Кристина.

Млади бунтовници (2002-2003)

Нескромно е да се каже дека ова е најпознатата латино-американска серија која некогаш се појавила на малите екрани.

Покрај незаборавните Миа, Мануел, Пабло и Марица мораме да ја споменеме и атрактивната Соња Реј која дефинитивно претставуваше секс симбол за многумина од машката популација.

Скриени страсти (2003)

Приказната се врти околу браќата Рејес, и сестрите Елизондо. Браќата Хуан, Франко и Оскар Рејес потиштени од смртта на нивната сестра, заминуваат во потрага по виновникот.

Тие одат на ранчот на фамилијата Елизондо и се заљубуваат во трите сестри Норма, Химена и Сарита кои всушност се ќерки на злобната Габриела Елизондо, за која браќата Рејес сметаат дека е вистинскиот виновник за сестрината смрт.

Но, барајќи одмазда секој од нив започнува љубовна приказна која ги спречува сите нивни планови.

Нескротливи срца (2004)

Повторно тинејџерска серија во која преовладуваат секојдневните случувања, подеми и падови на младите луѓе, а дејствието особено се врти помеѓу младата Дијана и заводникот Браулио.

Овие двајца млади луѓе се вљубуваат на прв поглед, но се среќаваат со бројни потешкотии, бидејќи Браулио припаѓа на сосема поинаков свет од оној на Дијана.

Дрогата, алкохолизмот и проституцијата се дел од оваа серија и преку тој опасен свет гледачите допираат до вистинската порака која се состои во секоја од епизодите.

Руби (2004-2005)

Серијата за неодоливата убавица „без срце“ освои неколку награди, како и најглавната за најдобра теленовела за 2005 година.

„Es una descarada por ser la mas hermosa.“, почетните стихови на тематската нумера која ја надополнуваше фаталната убавина на младата Руби која примамуваше воздишки не само од машката, туку и од женската популација.

Теленовела која нѐ научи дека материјалните нешта и физичкиот изглед се минлива работа и дека на крајот секој го добива она што го заслужил.

Маќеа (2005)

Приказна за лажно обвинетата Мариа која завршува во зандани и таму поминува 20 тешки години одделена од нејзините деца.

Откако ја одлежува својата казна, таа излегува посилна и поподготвена од кога било и е решена да се одмазди за неправдата која ѝ е нанесена и да ја врати назад љубовта на своите деца, Хектор и Естреља.

Одлучна е да го најде вистинскиот виновник и му се спротиставува на својот сопруг Естебан, човек кој сега го мрази бидејќи ја оставил сама во најтешките мигови.

Грдата Лети (2006)

Една од најуспешните продукции на телевизиската куќа Televisa. Серија полна со хумористично-романтични сцени предводени од извонредната Анхелика Вале во улога на Летисија Падиља Солис (грдата Лети).

Младата, драга, интелигентна, но тотално непривлечна девојка со својата неспретност секојдневно примамуваше насмевки пред ТВ екраните.

Ангели (2007)

Ангели (Casi Angeles) е тинејџерска теленовела која раскажува за неколку деца кои се посвоени од злобните Бартоломе и Хустина и живеат под нивен надзор во една вила.

Но, причината поради која децата сакаат да избегаат од моменталниот живот е тоа што нивниот старател ги учи да крадат.

Aктерската постава од серијата има основано и музичка група „Teen Angels“ која ги задоволуваше фановите со концерти и постигна голем успех насекаде низ светот.

Печат на оваа серија особено остави русокосата Сиело Махико, по која машкиот пол лудуваше.

Претпоставуваме дека со нашиот избор на латино-американски серии за миг ве вративме назад во едно поинакво телевизиско време.

Извор: ЦрноБело.