Соработката на Москва и Пекинг доби „стратешки карактер“, со отворањето на новите можности што произлегоа од „хибридната војна на Западот против Русија“, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
-Русија и Кина систематски ги спроведуваат сите одобрени програми на соработка. Енергетското партерство доби стратешки карактер. Се реализираат големи проекти од областа на индустријата, земјоделството и транспортот, рече Лавров во обраќањето пред учесниците на 7 Меѓународна конференција „Русија и Кина: Соработка во новата ера“.
Тој наведе дека „хибридната војна што Запад колективно ја покрена против Русија отвара нови можности за проширување на соработката меѓу Москва и Пекинг“.
-Познато е дека зборот ’криза’ на кинески е комбинација на два карактери – ’опасност’ и ’можност’. Сигурен сум дека хибридната војна што ја покрена Запад против Русија отвара нови можности за проширување на конкретната руско-кинеска соработка, вклучувајќи инвестиции и финансии, нагласи шефот на руската дипломатија.
Лавров уште порача дека Русија и Кина планираат да развијат независна финансиска инфраструктура, преку значајно зголемување на употребата на рубљата и јуанот во меѓусебните деловни активности.