Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, на гостување на Македонската радио телевизија, вечерва рече дека според него, со победата над Швајцарија, остварена е целта која ја зацртал пред првенството во Германија.

Иако селекторот потајно се надевал на чуда во првите две кола, сепак шансата која требаше да се зграпчи беше третиот меч, и таа шанса беше искористена.

„Ние одевме на победа и против Франција и Германија, но не беше реално да се случи изненадување. Играш колку што ќе ти дозволат. Французите се преквалитетни, олимписки прваци, а Германија е домаќин кој многу вложи. На тие два меча повеќе ротиравме за да се задржи свежината за третиот меч. Знаевме дека шансата ни е Швајцарија која воопшто не е слаб тим. Не ги посакувам нив да ни паднат во баражот за СП“, рече Лазаров.

Последниот голем успех на македонската репрезентација беше во 2012 година, а Лазаров објасни зошто тогаш сме биле петти во Европа.

„Костурот во националниот тим тогаш ни беа играчи од Металург, играчи кои беа квалитет и секој ден беа тренирани од еден Лино Червар. Сега треба да признаеме дека немаме такво нешто. Мора во домашните клубови повеќе да се работи на развој на домашните играчи. Успехот и неуспехот на репрезентацијата се успех и неуспех и на клубовите“, смета селекторот.