Ракометната репрезентација на Македонија славеше со 38-37 над Израел во рамките од „Кроација купот”, во последниот меч од подготовките за СП 2023 во Краков.
Тоа беше натпревар во кој нашите ракометари целосно го контролираа резултатот, но падот на концентрацијата во финишот за малку скапо ќе ги чинеше, откако неочекувано дозволија рутинската победа да се претвори во драматичен финиш, за среќа со хепиенд за „црвено-жолтите”.
„Одигравме квалитетен турнир со квалитетни противници. Имаме еден слободен ден и потоа почнуваме со подготовки за конкретни работи за следните два противника, Норвешка и Холандија. Задоволен сум од сработеното во текот на подготовките, како и од прикажаното на контролните натпревари. Одбраната ќе ја поправиме, но треба да знаеме дека играме во силен ритам во текот на сите 60 минути. Во едно такво темпо, нормално е да се дава и прима повеќе голови. Во секој случај, има голем простор за напредок во нашата дефанзива, ќе работиме на тоа до почетокот на светското првенство”, изјави Лазаров.
Македонските ракометари ќе тренираат во Скопје и во наредните денови, а потоа заминуваат за Краков, град кој ќе биде нивна база во текот на првата мундијалска фаза.