Тешка, но заслужена победа
Селекторот на македонската машка ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, го анализираше натпреварот со Романија во Хернинг, истакнувајќи дека резултатот е позитивен, но со чувство дека можело да се постигне повеќе.
„Сум задоволен од тоа што победивме и кога ќе сумираме, се треба да сме задоволни од тоа што направивме во овие три натпревари. Видовте дека Романија е цврста и силна репрезентација. Се смеам, но жал ми е што почнавме добро и како да се изненадивме дека уште во прво полувреме може да водиме и седум разлика. Како тренер се чувствував немоќно по првото полувреме бидејќи бевме многу подобри, но промашените зицери не чинеа. Мислевме дека во второ полувреме ќе бидеме подобри, но не беше така“, изјави Лазаров.
Повреди и клучни моменти
Тренерот посочи и дека повредите и исклучувањата влијаеле на текот на натпреварот:
„Не сакам само да звучам како да се жалиме, но Маркоски ни се повреди, Аларов доби црвен картон. Сепак, не беше проблем нашата дефанзива, туку нашиот напад, видовте дека нивниот голман беше одличен. Се надевав дека ќе добиеме малку повеќе разлика, но тоа е што е. Надежта последна умира, но знаете 17 разлика е невозможно.“
Македонскиот менталитет и поуки за иднината
„Можевме да направиме повеќе и поради тоа жалам. Сакавме во топ 12 и заслуживме, но тоа е што е. Завчера требаше да имаме напад за победа, сега исто. Лани во Вараждин исто имавме добиени натпревари. Македонскиот менталитет и главата повторно не чинеа. Кога ќе слегнат емоциите ќе видиме што сме направиле“, заклучи Лазаров.
