Првиот впечаток е дека овој ребаланс на буџет се прави прилично рано, имајќи во предвид дека најчесто ребаланс на буџетот се прави во септември-октомври, смета универзитетскиот професор Дарко Лазаров во синоќешното гостување во емисијата Анализа на телевизија 24, додавајќи дека загрижувачки е тоа што се зголемуваат вкупните расходи во буџетот за 250 милиони евра, а од друга страна капиталните расходи се намалуваат за 100 милиони евра.

-Од оние информации кои што се достапни во моментот, она што можеме да го дадеме како заклучок или констатација е тоа дека се оди на зголемување на буџетските расходи и тоа за 260 милиони евра, од кои 150 милиони евра се дополнително зголемување и на така претходно големиот буџетски дефицит. Од овие податоци кои што ги имаме буџетскиот дефицит би бил некаде околу 700 милиони евра и она што е загрижувачки е што од една страна се зголемуваат вкупните расходи во буџетот, а од друга страна капиталните расходи се намалуваат за 100 милиони евра, што значи дека владата не рационално прави преструктуирано во економијата, имајќи во предвид дека крати од капиталните расходи кои што можат да ја поттикнат економијата, вели Лазаров.

Лазаров истакна дека заклучно податоците до 19 мај 2022 година кои се објавени на Министерството за финансии во моментот реализација на капиталните инвестиции е само 18 проценти или само 7 милијарди денари.

-Во моментот имаме реализација на капитални инвестиции само 18 проценти или само 7 милијарди денари од вкупно 100 милијарди денари реализирани расходи тоа е некаде околу 7 проценти од вкупниот буџет на државата, и се навистина на едно ниско ниво, рече Лазаров.

-Во ребалансот на буџетот се посочува дека ќе има зголемување на буџетскиот дефицит за дополнителни 150 милиони евра или вкупно 700 милиони евра, а од друга страна ние имаме сериозна неизвесност од каде ќе ги најдеме тие извори на средства, бидејќи знаеме дека владата во моментот преговара со ММФ меѓутоа тоа е неизвесно како ќе се случи, исто така е неизвесно каква ќе биде состојбата со меѓународните пазари на капитал, нагласи Лазаров