Не само што не треба да се спомне, туку не треба ни да се промовира иницијативата за „Асоцијација на албански општини“ во Македонија затоа што тоа е чин кој создава групирања и поделби и се коси со вредностите за либерално-демократско, европско општество кон кое се стремиме, се вели во острата реакција на Либерално-Демократската партија.
„Во време на европски интеграции ваквата иницијатива води кон создавање на нови поделби во општеството, а не кон заедништво. Северна Македонија е мултикултурно општество, во кое освен Албанци, живеат и Турци, Бошњаци, Власи, Срби, Евреи, Роми и останати заедници.
Би сакале да потенцираме дека аспирациите на “големи држави“ одамна се минато и не носат ништо освен партиски поени.
Се додека не зборуваме за квалитет, еднаквост пред законот не може да очекуваме дека ќе живееме во прогресивно, демократско и напредно општество во кое сите се чувствуваат слободни, еднакви и безбедни“ – се наведува во партиското соопштение.
Од партијата повикуваат сите партии од земјава да ја осудат иницијативата на Алтернатива и да престанат манипулативните изјави со чувствата на граѓаните, затоа што обидите за етнички тензии земјата ја носат во погрешен правец.