Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, обвинува дека градоначалниците на СДСМ имале изграден систем на криминални тендери.
Реакцијата на Лефков ја пренесуваме во целост:
„Излегуваат на виделина матните зделки кои градоначалниците на СДСМ во претходниот мандат ги имаат направено.
Денес ќе откриеме скандалозна тендерска постапка спроведена во општина Бутел во времето на мандатот на Велимир Смилевски, градоначалник од редовите на СДСМ.
Станува збор за тендер за изградба на ново јавно улично осветлување на територија на општина Бутел во 2021 која го добила компанијата Друштво за производство трговија и услуги ПРОВИЗ ДООЕЛ увоз – извоз Визбегово Скопје, согласно огласот под број 12277/2021 – вредност на склучен договор со ДДВ, 12.036.000 денари.
Компанијата посочениот тендер го добива врз основа на најниска понуда, постигната на јавниот повик ама во т.н. „најниската понуда“ која е добиена како збир на единечни цени се крие сериозна манипулација и злоупотреба!
Компанијата согласно техничката спецификација нуди екстремно ВИСОКИ цени по единица производ за производи кои Општината ги набавувала во големи количини, и екстремно НИСКИ цени за производи кои Општината според договорот ги бара во минимални количини или воопшто не ги бара!
Да биде појасно ќе објавиме дел од примерите на злоупотреба на критериумот најниска цена со овој тендер спроведен во општина Бутел:
Во споменатата набавка со компанијата ПРОВИЗ ДООЕЛ, Општина Бутел случила договор за набавка на кабли, сијалици, светилки и при тоа продуктите од кои се набавуваат огромни количини се екстремно скапи, а продуктите од кои се набавува по помалку се багателни по цена од 1.8 денар.
На пример според оваа техничка документација, кабелот NAYY – A 4x16mm2 (1kV) чини 380,86 денари по метар, а подебелиот кабел од типот NAYY –A 4x35mm2 чини 1.81 денар. Разликата во цената е огромна, или поточно потенкиот кабел бил 210 пати поевтин од подебелиот, што е апсурдно. Секој метар набавен од поскапиот кабел е злоупотреба и оштетување на буџетот.
Втор пример, четири метарски столб опремен со приклучно ормарче со приклучни клеми според тендерската спецификација чини 9975,02 денари по парче, а исти такви топлопоцинкувани столбови во висина од 5 метри и 8 метри чинат само 1,81 денар. Односно понискиот столб е 5.500 пати поскап од повисоките.
Уште поеклатантен пример на злоупотреба има и кај светилките. Светилка за натриумова цеваста сијалица со висок притисок со пригушница, со снага од 70 вати чини 10.881,84 денари, а исти такви од 150 и 250 вати чинат 1,81 денар. Разликата во цената е над 6.000 пати поскапа и секоја набавка на 70 ватната цеваста натриумова сијалица е оштетување на буџетот.
Истото се повторува и во друг сегмент! Натриумова 70 ватна сијалица чини 1.142,59 денари, а истите светилки од 150 и 250 вати чинат по 1,81 денар. Разликата во цената е од 630 пати и секоја набавка на ваква сијалица од 70 вати е оштетување на буџетот.
Во услови на вакви разлики на цени за производи кои имаат слични спецификации, постои основано сомнение дека поскапите секогаш биле преферирани за набавки, и на тој начин освен што се злоупотребувал тендерот, биле трошени енормни народни пари со цел богатење на приватни фирми.
Со други зборови производот кој се набавува во огромни количини чини суво злато, а после истиот следуваат 9 производи кои чинат по едвај два денари. Тие девет производи имаат за цел да ја избркаат конкуренцијата.
Од овде се наметнува прашањето дали Велимир Смилевски ги злоупотребил своите овластувања и од компанијата ПРОВИЗ набавувал огромни количини од поскапите продукти? Дали на овој начин се испумпувале парични средства од буџетот на Општината на сметка на приватни компании? Дали разликата и добивката од набавката на поскапиот продукт му е исплаќана на сметка или „на рака“ односно во готово?
Доколку се докаже дека Општина Бутел ги набавила производите кои имале екстремни цени, а ги избегнувале продуктите кои чинеле по 1.8 денари тогаш се работи за класичен криминал со кој се испумпувале буџетските пари на сметките на приватни компании и за тоа мора да има кривична одговорност.
Повикуваме надлежните институции да го испитаат овој тендер, ЈО да постапи согласно своите надлежности, а Финансиската полиција да провери каде завршувале парите од сметките на оваа приватна компанија!
Станува збор за парите на граѓаните и одговорност мора да има, најавивме и остануваме доследни на ветеното – нулта толеранција за корупција!“