Димитар Ковачевски да не се крие зад Ахмети, Османи и Груби, да излезе и да каже кој од двата предлога кои ги даде ВМРО-ДПМНЕ за него е прифатлив. Доколку Ковачевски не се изјасни кој од двата предлога за него е прифатлив, нема потреба од никакви понатамошни разговори, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС, истакна Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Ако Ковачевски се изјасни и прифати еден од двата предлога, тогаш следен чекор е нова лидерска средба. Без да има конкретен одговор, ВМРО-ДПМНЕ не мрда со прст. Предлозите се јасни. Првиот предлог опфаќа формирање на преодна влада без ДУИ и уставни измени со одложено дејство, а вториот предлог предвидува брзи избори оваа есен, а потоа идната опозиција да ја поддржи власта во барање на гаранции од институциите на ЕУ за македонскиот многувековен идентитет, барање на финансиска помош од ЕК и барање Бугарија да имплементира барем 3 пресуди на ЕСЧП за правата на Македонците, рече тој.

Лефков потенцира дека и двата предлога значат забрзана интеграција, со заштитен идентитет.

„Со евентуално неприфаќање на еден од двата предлога, СДС ќе покажат и докажат дека тие не се за ЕУ, туку за власт со ДУИ, за да продолжат да прават криминал уште некој месец повеќе.

Време е СДС да се одлучи. Ајде Ковачевски охрабри се. Не се плаши од ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ е гарант и за патот кон ЕУ и за Македонските интереси“, рече Лефков.