Корупцијата ја гледаат сите, подобро се гледа од 5-8.000 километри, подобро отколку што можат да ја видат оние кои што ја држат власта и оние кои што се задолжени за спроведување на правдата, истакна Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Топ тема“ на Телма телевизија.
„Наместо да донесат правда, наместо да бидат стожер на правдата особено во еден ваков период на предизборие, ние гледаме како министерството за правда од донесувањето на неславниот Кривичен законик со европско знаменце преку измените на Законот за Академија за судии и јавни обвинители, преку лиферување на најразлични соопштенија се обидува да ја спречи токму таа суштина на спроведување на правото, почитување на правните норми, почитување на правниот поредок и да наметне некои други теми“, појасни тој.
Лефков додаде дека лицето кое што се најде на црната листа на САД, исто така е веќе осудено во домашното законодавство, но има и градоначалници кои што исто така се на таа црна листа, но власта не презема никакви мерки.
„Рамиз Мерко никако да одговара пред законот. Тој се наоѓа на црната листа, а од друга страна гледаме дека министерството за правда наместо да има одреден гантограм како да се справи и како да постапи, Рамиз Мерко се уште има пристап до државни фондови, до државни буџети, Биро за регионален развој итн. Рамиз Мерко се уште распишува тендери, управува со државни средства. А, министерството за правда наместо да постапи соодветно Кривичниот законик, соодветно Законот за меѓународна соработка во кривичната материја, гледаме дека резултираше со еден закон за измена на Кривичниот законик со кој практично од членот 353 се избриша ставот 5“, нагласи Лефков.
Тој посочи дека треба да се стави крај на криминалот и корупцијата кои владеат во Македонија поради актуелната власт.