Ние побаравме од Ковачевски како нов премиер да заземе сериозни позиции и да се изјасни дека нема поместување од црвените линии кои ги поставивме во Декларацијата од македонското Собрание, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков, во вечерашната дебатна емисија „Анализа 24“ на Телевизија 24.
-Повторно сега надворешната политика на Владата е по урнекот и примерот на Зоран Заев, и надворешната политика се води како да се работи за некоја приватна компанија, кажа Лефков.
Лефков посочи дека потребно е документите да бидат доставени на увид во Собранието и да се стави крај на сите шпекулации со тоа што пратениците ќе ги видат фактите.
-Жалосно е тоа што тој нон-пејпер не стигнал до пратениците, во собранието – институцијата, од која Ковачевски го црпи легитимитетот, затоа што тој е премиер кој не излезе на избори меѓутоа го доби своето мнозинство со Собрание, изјави Лефков.
Лефков потенцираше дека легитимитетот на Ковачевски произлегува од Собранието тогаш потребно е тие министри кои го добиле легитимитетот пред да излегуваат со било какви предлози истите да бидат доставени во Собрание.
Тој додаде дека срамни се констатациите дека најпрвин истите треба да бидат преведени или да бидат одобрени од бугарска страна.
-Потребно е она што сме го зацртале како македонски црвени линии да се задржиме на тоа, да изградиме национално единство и консензус. Кога станува збор за вакви национални прашања тогаш потребно е да изградиме консензус, кажа Лефков.