СДС денес со мизерна објава, преку клевети за политичко компромитирање се обидуваат да го дефокусираат вниманието од сопствените проблеми, пишува на Фејсбук пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков.
Не знам како, партијата која со години гради подземје и нарко картели од кои Македонија не може да се исчисти и чии началници беа наркотрафиканти, како истите тие денес се обидуваат политички да профитираат, не со повик за расчистување, туку преку политизирање и преку најниски лични напади.
Ако некој сторил кривично дело, неговата одговорност треба да се утврди согласно закон, без разлика кој е. Нема заштитени и нема недопирливи.
Институциите нека ја завршат својата работа и нека ги утврдат сите факти и за делото и за бегството. Обвинителството да ги искористи сите механизми.
Јавното обвинителство треба да отвори и финансиска истрага, да го испита потеклото на имотот, да предложи привремени мерки за обезбедување на имотната корист, да побара блокирање на средства и, доколку се исполнети законските услови, да иницира заплена и конфискација на незаконски стекнатиот имот.
Ако постои организирана мрежа, истрагата не смее да застане на едно лице. Таа треба да ги опфати сите инволвирани, сите помагачи, сите што стекнале противправна имотна корист и сите што евентуално му овозможиле да го извршува кривичното дело.
Тоа е вистинска борба против криминалот. Сè друго се политички конструкции и обиди за дневнополитичка злоупотреба на еден сериозен случај.
Венко нека престане да го користи СДС за клевети и политички конструкции и нека ги остави институциите да работат.
Сепак не можам да се ослободам од впечатокот дека ова е уште една од серијата политички одмазди по скандалите што ги разоткривме за СДС и за Венко Филипче. Сега Венко за да си ги сокрие сопствените проблеми, безмилосно нарачува и пласира лични дискредитации кои немаат врска со вистината ниту правдата.
Времето кога политичарите одлучуваа кој ќе биде заштитен, а кој гонет, заврши, пишува Лефков во својата објава.
