„Предлог закон за измена и дополнување на законот за експропријација е еден од законите кои што неоправдано овде во Собрание стигнаа со европско знаменце. Тоа кршење на процедурите за кои што Владата покажа дека најверојатно има некои лукративни интереси, лукративни потреби, дека во прашање се провизии или друг интерес кој што треба да биде исполнет“, истакна Миле Лефков, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната собраниска седница.

Лефков додаде дека во предлог законот за измени и дополнување на законот за експропријација пишува – „Заради усогласување со законот за утврдување стратешки интерес и номинирање стратешки партнер се наметна потребата од измени и дополнување на законот за експропријација“. Тоа е ноторна лага, не е точно, нагласи Миле Лефков.

„Законот кој што го донесе ова Собрание не се наметна потребата за дополнување на законот за експропријација, во договорот можеби се наметна. Во договорот можеби се има наметнато, меѓутоа тоа значи дека некој во владата се дрзнал да договара работи кои што се надвор од неговата надлежност и можеби токму заради тоа се крие и самиот договор“, заклучи пратеникот.

Тој посочи дека она што е многу загрижувачко е тоа што се зборува за пакет од 5 закони кои што стигнаа со европско знаменце, а јавноста треба да знае дека се дерогираат многу повеќе закони.

„Со предлог законите овде се предвидува непочитување на многу други закони“, нагласи Лефков.