Зошто Заев не дојде на конгресот
Пратеникот на ВМРО‑ДПМНЕ, Миле Лефков, во емисијата „Наткаст“ на КУРИР ја коментираше отсутноста на Зоран Заев од последниот конгрес на СДСМ и најавите за граѓански тужби по откривањето на нови скандали. Тој вели дека тоа е нивна внатрешна работа и дека јавноста треба да ја гледа во контекст на веќе постоечките проблеми.
Критика за граѓанските тужби
Лефков истакна дека заканите со граѓански тужби се смешни во светло на скандалите што ги следиме:
„Оние силни милиони, треба да се направи план каде да се потрошат. Еден тренд во Република Македонија со најавување на граѓански тужби во повеќе сектори, кога станува збор за СЈО слушавме за граѓански тужби, кога станува збор за заплена на марихуана повторно се најавуваат. И тоа сето е смешно. Апсолутно е смешно. Затоа што соочени со криминал од размери кој се открива пред очите на јавноста, смешно е да се заканувате со граѓанска тужба. Особено кога сте извршувале една таква висока функција.“
Тој потсети дека јавниот живот подразбира навреди и критики, но тоа не е причина за масовни граѓански тужби:
„Меѓутоа, недолично е вие да се впуштате во граѓански тужби. Едноставно, тоа е дел од јавниот живот кој треба да го поднесете или да го користите како инструмент кога ќе станува збор за некои обвинувања за кои очигледно сте навредени. Меѓутоа, со запленети 40 тони дрога, со скандали во правосудството со кои се докажува дека сте биле дел од политички апарат, на таквите кривични дела и скандали се спротивставувате со бенигни изјави за граѓански тужби, тоа мислам дека јавноста јасно го перцепира дека тоа е борба за мал дел заштита на некоја останата репутација.“
Граѓанските тужби не се решение
Лефков додаде дека овие алатки не можат да го покријат криминалот и дека Заев треба да соработува со институциите:
„Граѓанската тужба за навреда и клевета не може да се користи кога вие стоите позади бизнис или има индикации дека стоите позади бизниси кои се поврзани со подземјето. Најмалку што можете да направите е да го повикате јавното обвинителство да ги расчисти овие наводи и да кажете дека сте достапни на органите и подготвени да го дадете вашиот дел од приказната.“
