Али Ахмети сакајќи да претстави дека има премиер Албанец направи и тесно партиска прослава, премиер добија лицата од ДУИ, а не Македонија. Претставувањето на Талат Џафери за премиер на начинот на кој го направи тоа и ДУИ и Ахмети е во насока на дополнително губење на довербата во институциите, која и онака ја нема или е крајно мала, рече Миле Лефков, пратеник во Собранието и член на Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ на гостување во вечерашната емисија Само вистина што се емитува на телевизија Канал 5.
Лефков посочи дека живееме во држава во која дваесет години функционираат балансери, наместо квалитет.
„Не смееме да се водиме од етникумот на лицето кое е на функција, овде се е наопаку. На пример и оние кои се нарекуваат како европски фронт само го злоупотребуваат европското знаменце, како е тоа можно“, вели Лефков.
Лефков се осврна и на случувањата во врска со избраната техничка влада во неделата.
„Кога сте во техничка влада не влегувате во коалиција, туку таму сте по закон, тоа е по сила на закон. Кога станувате дел од техничката влада мора да ги исполните обврските, иако ние први предложивме укинување на таа техничка влада. Работата и учеството во техничката влада има една цел да се одржат фер и демократски избори“, кажа Лефков.
Според Лефков, тоа што ВМРО-ДПМНЕ учествува во техничката влада е добро и тоа се покажа и со чекорот што го направи министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски во делот на издавање на лични документи на граѓаните, потоа министерот за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски дојде во Собранието да разговара за законите од негова област.
Сепак, додаде Лефков, дека една држава која претендира да биде дел од Европската унија не треба да има техничка влада.
„Ние како ВМРО-ДПМНЕ неколку пати предлагавме да се укине техничката влада, но за тоа немаше слух од никого, а за тоа да се случи треба да се менува Законот за влада“, посочи Лефков.