– Во однос на личните ставови кои ги споделуваат доктори, а кои се насочени кон ширење на псевдонаука и невистини за ефектите од вакцинацијата, ефектот од почитување на мерките за заштита и опасноста од вирусот, Лекарската комора, согласно своите надлежности, може да постапува по добиена пријава и да ги утврдува фактите во секој конкретен случај во комуникација со сите засегнати страни, надлежните институции и комисии и стручните здруженија. Лекарската комора охрабрува ваквите случаи да се пријавуваат, со цел да може формално правно да постапува по нив, се додава во соопштението од Лекарска комора.
Со оглед на тоа дека четвртиот бран на Ковид-19 зема сериозен замав, притисокот врз здравствениот систем за обезбедување на потребен третман на зголемениот број на новозаболени е се поголем, Лекарската комора на РСМ се обрати до пациентите, здравствените професионалци, стручните здруженија и надлежните институции да преземат итни чекори за да се намалат штетните последици по здравјето на луѓето.
– Во однос на вакцинацијата потенцираме дека таа е најефикасното решение за заштита од вирусот, која значително ги намалува шансите за да настане инфекција како и компликации од болеста. Научните докази ги потврдуваат овие сознанија, затоа не треба да постои дилема, туку секој кој нема апсолутни контраиндикации верификувани од стручно лице поврзани со вакцината треба да се имунизира што поскоро, бидејќи така ќе се заштити себеси и своите блиски. Секако ја потенцираме и неопходноста од почитување на мерките за заштита, како носење заштитна маска, обезбедување на социјална дистанца и избегнување на собири во затворен простор каде постои близок контакт, велат од Лекарската комора.
Од комората додаваат дека секогаш, а особено во услови на пандемија е важно здравствените професионалци во своите активности да се водат од Етичкиот кодекс, Законот за здравствена заштита и медицината базирана на докази, дистанцирајќи се било какво политичко или некој вид на друго влијание.