Грција годинава ги пречекува туристите со повисоки цени за сместување, откако новите правила за изнајмување недвижности значително ги зголемија трошоците за сопствениците на туристички апартмани. Првичните проценки покажуваат дека цените веќе се зголемени за 10 до 20 проценти, што директно ќе се одрази врз буџетот на летувалците.
Законот, кој стапи на сила на 1 октомври 2025 година, воведува задолжителна сертификација за сите станови што се издаваат на туристи. Само за таа постапка сопствениците плаќаат околу 600 евра по објект, а дополнително се воведени и нови фискални обврски – туристичка такса и данок од 15 проценти на месечниот приход од изнајмување.
„Кога ќе се соберат сите давачки, кај многу сопственици останува помалку од половина од заработката“, вели Ана Павлица Мајоров, сопственичка на агенција за недвижности од Переја, во близина на Солун. Таа посочува дека издавањето преку платформи како Booking или преку агенции дополнително ја намалува добивката поради провизии.
Новите ограничувања предвидуваат и дека физичко лице може да изнајмува најмногу два стана. За поголем број објекти потребна е регистрација на фирма, што носи уште повисоки административни и даночни трошоци – особено за странските сопственици.
Покрај законските измени, растат и цените на струјата, одржувањето и работната сила, што дополнително ги турка цените нагоре. Туристичкиот сектор веќе го чувствува ефектот: според Александар Сеничиќ, директор на Здружението на туристички организации на Србија, аранжманите за Грција ова лето ќе бидат поскапи за 10 до 12 проценти.
Иако властите тврдат дека мерките носат ред и контрола на пазарот, експертите предупредуваат дека тие истовремено ја прават Грција поскапа дестинација – и за сопствениците, и за туристите – со што се отвора дилемата дали земјата полека го губи статусот на „достапно“ летувалиште за регионот.
