Кандидатот на Левица за градоначалник на Град Скопје, Амар Мециновиќ, во пресрет на вториот изборен круг, повика на поддршка од сите граѓани кои, како што рече, се „здраворазумни“ и сакаат промена.
„Статус-квото е секогаш како избор на четири години, но овој пат не е така. Ги живееме првите денови каде што ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не се најголемите политички фактори. Тоа ќе охрабри голем број на граѓани кои беа на работ да излезат во првиот круг и да го дадат својот глас за нова опција“, изјави Мециновиќ.
Тој упати порака и до независните советнички листи во Советот на Град Скопје.
„Морам да ги поздравам и независните листи кои влегоа во Советот на Град Скопје. Спремен сум да соработувам со тие советници. Ги повикувам на поддршка независните листи“, додаде кандидатот на Левица.
Мециновиќ се обрати и до гласачите на СДСМ, повикувајќи ги да му ја дадат довербата во вториот круг.
„Нивната партија, иако нема што да се грижам за нивната партија, едноставно гледаме дека се наоѓа во вид на политичка криза. Сметам дека таму има многу луѓе кои ја делат визијата која јас ја претставувам. Ги повикувам луѓето кои ја поддржаа госпоѓата Каја Шукова во првиот круг, да ме поддржат мене во вториот круг“, изјави тој.