Мобилната апликација м.Услуги е подготвена и во моментов се тестира, а во октомври се очекува официјално да биде претставена пред граѓаните. Преку неа корисниците ќе можат да ги имаат личните документи во електронска форма, вклучително и личната карта и возачката дозвола, како и да користат одредени електронски услуги на јавната администрација.
„Ветив дека во втората половина од мандатот ќе успееме да подготвиме мобилна апликација. Сега конечно можам да кажам дека таа е подготвена и во моментов ја тестираме. Во октомври ќе организираме голем настан на кој ќе ја промовираме пред граѓаните“, истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во емисијата „Меѓу редови“ на Алфа ТВ.
Тој објасни дека целта е различните дигитални услуги на државата да се обединат на едно место, наместо граѓаните да користат повеќе различни апликации и системи.
„Ја замислуваме како апликација што ќе ви биде потребна за сè што сакате да завршите, а е поврзано со државата. Во моментов постојат повеќе различни апликации и системи, а нашата цел е услугите за граѓаните да ги обединиме на едно место. За почеток, во апликацијата ќе бидат достапни електронската возачка дозвола и електронската лична карта, како и неколку електронски услуги од јавната администрација“, посочи Андоновски.
Апликацијата е изработена во рамки на проект вреден 1,5 милиони евра, во соработка со надлежните институции од Полска и Украина и со Европската Унија. Според министерот, изработката не била финансирана директно од државниот буџет, а продуктот е дело на македонски инженери и останува во државна сопственост.
„Државата не ја плати изработката на апликацијата. Станува збор за голем проект што го донесовме во 2024 година во соработка со полското и украинското министерство и со Европската Унија. Апликацијата е изработена од македонски инженери, таа е македонски производ и останува во сопственост на државата“, рече Андоновски.
Првата верзија на м.Услуги, како што најави, ќе продолжи да се надградува со нови услуги и функционалности. Крајната цел е апликацијата постепено да прерасне во европски дигитален паричник.
„Ова е првата верзија и очекувано е да има простор за подобрување. Но, ние веќе размислуваме за втора верзија, која ќе содржи повеќе функционалности и постепено ќе прерасне во вистински дигитален паричник. Крајната цел, утврдена и во Реформската агенда, е до 2028 година тој да стане европски дигитален паричник. Со тоа, Македонија ќе биде меѓу првите петнаесетина европски држави со ваков тип современа апликација“, заклучи Андоновски.
Министерот се осврна и на институциите кои сè уште не ги прифаќаат електронските документи, иако тоа е нивна законска обврска. Тој најави санкции за правните лица кои нема да го почитуваат законот и порача дека во наредниот период надлежниот инспекторат ќе врши надзор.
„За правните лица, односно институциите што нема да го почитуваат законот, ќе следуваат предвидените казни. Во наредниот период тоа ќе биде предмет на надзор од страна на надлежниот инспекторат. Оставивме доволно време и простор за приспособување, но сега мора да го почитуваме законот и да бидеме во чекор со светот“, нагласи Андоновски.
