Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција покрена обвинение против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, откако биолошките вештачења го поврзаа со парите пронајдени заѕидани во домот на неговите родители во Неготино.
Клучниот доказ е пронајдената ДНК на судијата на материјалите со кои биле обвиткани пакетите пари, поточно на алуминиумската фолија.
Обвинителката Хаџи Василева соопшти дека истрагата обезбедила материјални докази дека Ристов лично ги манипулирал и ги сокрил средствата, во вкупен износ од 350.000 евра, кои не биле пријавени во неговиот анкетен лист.
„Со вештачењето на биолошките траги утврдивме дека токму обвинетиот е лицето што ги крие овие пари“, изјави Хаџи Василева.
Случајот против судијата произлегува од претходната истрага против адвокатот Фехми Стафа, кој во декември 2025 година беше уапсен при примање мито од 20.000 евра, како дел од поширок договор за влијание врз судија со цел укинување на мерка притвор.
Иако тие пари не стигнале до судијата, последователните претреси откриле значителна сума за која Ристов не можел да докаже законско потекло.
