Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис денеска во Атина организира неформална средба за лидерите од Западен Балкан по повод одбележување на 20 години од „Декларацијата во Солун“. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски, српскиот претседател Александар Вучиќ, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и косовскиот премиер Албин Курти се најавени дека ќе присуствуваат на ова средба.
На неформалната вечера ќе учествуваат и лидерите на земјите од регионот кои се членки на ЕУ: премиерот на Бугарија Николај Денков, на Хрватска Андреј Пленковиќ и на Романија Јон-Марсел Чиолаку
На оваа средба бил поканет претседателот на Албанија Бајрам Бегај, кој како што јавуваат грчките медиуми, нема да присуствува. Дополнително се очекува на средбата да присуствуваат и Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
„Иницијативата Мицотакис да ги покани лидерите од Западен Балкан и земјите-членки на ЕУ во замокот Максимос на вечера-неформална дискусија за проширувањето и европската иднина на регионот, ја нагласува улогата на Грција како столб на стабилност, мир и енергетска безбедност на Балканот и во југоисточна Европа“, велат владини извори за грчката државна новинска агенција.
Оваа средба е закажана по повод 20-годишнината од „Декларацијата од Солун“ на Самитот ЕУ-Западен Балкан што во суштина го отвори патот за интеграција на многу земји од областа во ЕУ.
Поврзување на перспективата за членство со почитувањето на основните вредности на ЕУ од страна на државите од Западниот Балкан, но и со регионалната соработка, процесот на стабилизација и асоцијација (ПСА) ќе биде рамката на процесот на интеграција сѐ до членството во ЕУ, беа дел од основните постулати на Солунската декларација.
Премиерот Ковачевски ќе се сретне со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, средба што ја најави и во синоќешното интервју за Сител, велејќи дека претседателката на ЕК од прва рака ќе може да се информира од него за текот на уставните измени, иако, како што истакна, „таа веќе ги има сите информации, и пред одржувањето на седницата во однос на поднесувањето“, како и за целиот процес.