На самит оваа недела, лидерите на ЕУ ќе се договорат за заедничко купување на гас, течен природен гас (ЛНГ) и водород пред следната зима, дознава Ројтерс од нацрт-завршната изјава.
„Во пресрет на следната зима, земјите-членки и Европската комисија итно ќе ги здружат напорите за купување гас, ЛНГ и водород заедно“, се вели во во нацрт-изјавата на европските лидери по самитите на 24-ти и 25-ти март. Водородот е гас со практично нула емисија на CO2 и влијание врз климатските промени.
Поради руската инвазија на Украина, најголемиот снабдувач на гас во Европа, цените на енергијата скокнаа на рекордно високо ниво, а ЕУ не може да се потпре на рускиот гас оваа година и затоа ќе мора да се сврти кон увоз од Катар и од САД. Русија обезбедува 40 отсто од вкупното количество гас што и е потребно на Европската унија.
Европската комисија ќе им помогне на членките да купуваат гас заедно оваа година, а оваа недела се очекува да предложи правила со кои членките ќе бараат да полнат 90 отсто од нивните резервоари за гас пред секоја зима.
Залихите на гас на ЕУ сега се на 26 отсто од капацитетот.
На самитот лидерите ќе разговараат и за мерките за заштита на потрошувачите од високите цени на енергијата и како евентуално да се „оптимизира“ функционирањето на енергетските пазари. Според нацрт-изјавата, ќе се побара од ЕК да преземе „неопходни иницијативи“ за тоа.
Сепак, изнаоѓањето заедничка стратегија на ЕУ се покажува како многу тешко бидејќи членките се одговорни за своите национални стратегии и не се согласуваат за „скротување“ на цените на енергенсите.
Шпанија, Белгија, Португалија, Италија и Грција бараат интервенција на европските енергетски пазари и поставуваат ограничување на цените, на што се противат Германија, Холандија и Данска, пренесе Индекс.хр.