Лидерска средба пред заминување во Давос

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека утре ќе упати покани до политичките партии за лидерска средба, која би се одржала во наредните седум до десет дена, пред неговото заминување на Светскиот економски форум во Давос. Како главни теми на средбата се предвидени консензус за реформските закони и укинување на техничката влада.

Во божиќното интервју за ТВ Алфа, Мицкоски рече дека очекува сите лидери на парламентарните коалиции да ја прифатат поканата. Дневниот ред, како што посочи, може да биде проширен и дополнет од страна на другите учесници.

Консензуална дискусија за реформските закони

За клучните прашања за државата, премиерот очекува консензус од лидерствата на сите парламентарни коалиции.

-„За правобранителот да разговараме. Да покажеме зрелост дека како политичари и како држава, можеме ете кога е предизвикот, посебно целта пред нас, а тоа е Европската Унија да разговараме отворено на сите тие теми, кои што немаме дијаметрално различни ставови. Нели велиме сите сме за таму, законите имаат позитивно мислење од Венецијанската комисија, имаат позитивно мислење од Канцеларијата на Европската комисија. Ајде да седнеме и да разговараме“, рече Мицкоски.

Техничката влада – потребен консензус

Мицкоски посочи дека пред минатите избори СДСМ изјавиле дека техничката влада повеќе не е потребна, но сегашната Влада покажува широчина потребна за суштински реформи, вклучително и реформи за пристапување кон ЕУ.

-„Пред овие избори раководството на СДСМ велеше дека тие се за бришење на техничката Влада, да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема бадентер. Но, не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно, затоа што мислам дека таков тип на измени во политичкиот систем треба да се носат со консензус. Ако велиме дека техничката Влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката Влада можеби има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени“, порача Мицкоски.