Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани учествува на тридневна регионална конференција „Од рамка до акција: Градење посилни, поинклузивни и интегрирани социјални услуги“ во Букурешт, Романија.
Конференцијата, како што информира Министерството за социјална политика, демографија и млади, ги обедини креаторите на владини политики на европско ниво, претставниците на Светска Банка за Европа и Азија, академската фела и експертите за социјални политики со цел размена на искуства и унапредување на социјалните сервиси.
Министерот Лимани, кој се обрати во министерската сесија се осврна на реформата на системот за социјална заштита во Северна Македонија, почната во 2019 година, која претставува директен одраз на стратешките приоритети на Владата – социјална правда, економска инклузија, грижа за младите и семејствата и изградба на функционална, модерна и дигитална држава.
– Во услови на повеќекратни кризи – економски, здравствени и енергетски, ние одлучивме да инвестираме во луѓето. Затоа оваа реформа е вредносна. Таа ја промени логиката на системот: од фрагментирана помош кон интегрирана, од администрирање кон грижа, од централизирани институции кон услуги блиску до граѓаните. Оваа реформа е резултат на долгогодишната и континуирана соработка со Светска банка, чија стручна и финансиска поддршка беше од клучно значење за нејзината подготовка и успешна имплементација. Без оваа поддршка, реформскиот процес тешко дека ќе беше реализиран или ќе ги постигнеше планираните резултати, истакна Лимани.
Тој истакна неколку клучни промени кои придонеле за унапредување на социјалната заштита во државата, како креирање на цврста законска и институционална рамка, усогласена со европски стандарди. Притоа ги посочи новиот Закон за социјална заштита, Законот за социјална сигурност на стари лица и измените на Законот за заштита на децата кои се темелот за градење на стабилен систем кој е правичен, транспарентен, одржлив.
– Борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост ја адресиравме преку темелна реформа на паричните надоместоци. Го поедноставивме системот, воведовме реално таргетирање според потребите на домаќинствата и ги зголемивме износите за најранливите категории за над 300 отсто, посочи Лимани.
Лимани се осврна и за темелната реформа на центрите за социјална работа, со која социјалната заштита се трансформира од пасивен во активен систем. Зборуваше за инвестициите во инфраструктурата, човечките ресурси и професионализацијата на услугите. Тој ја истакна децентрализацијата и развојот на социјалните услуги како јасен и директен одраз на владината политика за рамномерен регионален развој.
– Денес функционира мрежа од над 150 лиценцирани даватели на социјални услуги, а услугите за помош и нега во домот и личната асистенција се веќе реалност во десетици општини низ државата, обезбедувајќи поддршка, достоинство и поголема вклученост за најранливите категории граѓани. Како резултат, освен што се подобри грижата, се создадоа и над 1.500 нови работни места за лица кои претходно беа корисници на социјална помош или долгорочно невработени, рече Лимани.
Министерот Лимани се осврна и на воспоставувањето на интегриран дигитален систем, кој поврзува институции и овозможува 90 отсто од податоците да се разменуваат по службена должност, во реално време. Тој посочи дека тоа значи помалку администрација, помалку коруптивен ризик и повеќе доверба во институциите.
– Оваа реформа е доказ дека социјалната политика може да биде столб на економскиот развој, демографската стабилност и европската интеграција, порача Лимани.
Во рамки на посетата на Романија, министерот Лимани оствари билатерална средба со министерот за труд, семејство, млади и социјална солидарност на Романија, Петре-Флорин Маноле. На средбата, како што се наведува, се разговараше за досегашната соработка помеѓу двете земји, нејзино продлабочување и размена на искуства во областите кои се во надлежност на министерствата, а од која придобивки би им имале граѓаните на двете држави.
Извор: Курир
