Откако внукот од брат на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Дрин Ахмети се претстави пред јавноста како успешен млад бизнисмен, другиот внук на првиот човек на ДУИ, поранешен сопартиец, а сега потпретседател на „Беса“, Фатмир Лимани за „Фокус“ вели дека семејството Ахмети пред 2001 година биле сточари и земјоделци и секогаш на работ на егзистенцијата.
-Јас ги познавам, фамилија сме, кои биле, колку имале, со што се занимавале пред 2001 година и после. Биле сточари и земјоделци и секогаш на работ на егзистенција, целата фамилија Ахмети, вели Лимани за „Фокус“.
Нивното богатство, според неговите кажувања го стекнале после војната на сомнителен начин и според него сите институции да се ангажираат нема да можат да го најдат крајот на нивниот криминал.
-Искористија непотрошени фондови кои останаа после војната во 2001 година, а за кои средства не дадоа конечна информација за потрошениот фонд „Повикува родниот крај“ и „Народното ослободување“, над 5 милиони швајцарски франци, долари и тогашни марки. Ја искористија позицијата на лидерот Али Ахмети при секоја тендерска постапка во сите институции, обвинува Лимани.
Тој вели дека треба да се анализираат постапките за доделување на лиценци за хидроцентрали со капацитет од 1 мегават на Бачишка река и делот на Попова шапка, каде се учесници по други фирми.
-Искористија фондови од Министерството за земјоделство, субвенции, парцели, пасишта. Искористија лиценци од Министерството за транспорт и врски за присвојување на земјиште во секој дел на државата, поконкретно во Буковиќ, каде што имаат вила каменоломи, бачила, пасишта. Искористија лиценци од Министерството за екологија со кои се дел од 10 мегавати фотоволтаична централа во РЕК Осломеј, која е градена без довола и влезена во систем без дозвола и илегално продаваат електрична енергија и со 55 мегавати фотоволтаична централа што ја градат Турците без дозвола, обвинува Лимани.
Порачува дека треба да се контролира во детали имотот на синот на Ахмети, Шкумбин, ќерката, Ускана, на внукот Дрин Ахмети, на братот Фекри Ахмети и самиот Али Ахмети. Потоа партискиот објект во Скопје, во Чаир, објектот на партијата во Тетово, кој според Лимани се лично на Ахмети, а се водат на име на партијата.
– Цела држава и сите институции да се ангажираат не ќе можат да најдат крај на криминалот и имотот што го поседуваат тесниот и широкиот круг на фамилијата Ахмети, а за него треба да се анализира и судската постапка водена во Швајцарија бидејќи користел пензија како инвалид со дијагноза и го оштетил буџетот на Швајцарија.Ова нема крај, но и ќе нема бидејќи Ислам Абази (раководителот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција) е како негов син и именуван на таа позиција за да ги брани од тешкиот криминал. Истрага, само истрагата ќе не доведе до се, вели Лимани.
Инаку, Лимани со објава на Фејсбук го прикажуваше имотот на лидерот на ДУИ и праша на чие име и со чии пари се се купени куќите, објектите и парцелите. Деновиве во јавноста актуелен е внукот Дрин Ахмети, откако беше објавено дека со албански бизнисмен го купуваат деловниот центар „Соравиа“. Дрин Ахмети ќе биде сопственик на 39 проценти од објектот, без да даде ниту еден цент.