ВМРО-ДПМНЕ ги осудува двојните аршини на СДС и Филипче

СДС и Венко Филипче со двојни аршини, биле и останале, велат од ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека кај нив ништо не се менува.

„Тоа се потврди и овој пат со проектот ‘Безбеден град’. Прво во Собрание гласаат против закони кои овозможуваат негова имплементација, а од друга страна велат дека тие што возат без возачка дозвола треба да се казнат“, се вели во соопштението.

Од партијата додаваат дека изминатиов период јавноста била сведок како активисти на СДС дивееле по градовите за да продолжат да возат без дозволи и се заканувале со насилство кон полицијата.

„Ваквиот насилен начин на протестирање не е демократски чин и за нас е неприфатлив и остро го осудуваме“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Проектот „Безбеден град“ противниците го бојкотираат

ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека СДС и Филипче во Собрание гласаа против проект кој гарантира безбедност на учесниците во сообраќајот и го детектира секој што вози без дозвола или со нерегистрирано возило.

„Човекот кој најгласно се спротистави на ‘Безбеден град’ е координатор на пратеничката група на СДС, Оливер Спасовски, кој додека беше министер за внатрешни работи не направи ништо за да ја зголеми безбедноста на граѓаните“, посочуваат од партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека во периодот на нивната власт не се имплементирал ниту еден системски проект за контрола и безбедност на сообраќајот како „Безбеден град“.

„Сега, кога се воведува систем кој носи ред и безбедност, а еднаквост пред законот СДС и Филипче гласаат против, се гледа нивното лицемерие и двојни аршини“, се додава во соопштението.

Системско решение над политичките калкулации

Партијата апелира дека проектот „Безбеден град“ надминува партиска агенда и е системско решение за заштита на животите на граѓаните.

„Секој кој сака ред, поредок и законите да важат еднакво за сите, безрезервно го поддржува овој проект. Сè останато е политичка калкулација на сметка на животот и безбедноста на граѓаните“, завршува соопштението.