По острите обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ подготвува ново предавство со предложената резолуција за европските интеграции, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, возврати дека документот има цел да ги дефинира заедничките црвени линии и да ги надмине поделбите во општеството.

„Сè што предложивме е резолуција за која требаше да има национално обединување. Таму се заедничките црвени линии. Ајде да го направиме тоа заедно, во интерес на сите граѓани. Граѓаните сакаат да видат Македонија како напредува во Европа“, рече Филипче.

Тој потсети дека и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ постојат идентични ставови за националниот идентитет, кои СДСМ сега ги предлага како основа за заедничка резолуција.

„Јасно се дефинирани црвените линии. Дополнително, такви црвени линии има и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ 1198. Еве што пишува: Македонскиот многувековен идентитет, јазик, посебност, култура, обичај, традиција и херои не смеат да бидат дел од било какви политички преговори. Кажете ми што е разликата?“, потсети тој.

Филипче оцени дека целата реакција на ВМРО-ДПМНЕ е само политички спин.

„Сè што прават е алиби за ништо да не се направи и државата да стои во место. Така не се води држава, извинете“, порача тој, додавајќи дека опозицијата намерно создава конфликти за да избегне одговори на клучното прашање – зошто Македонија стагнира.