Владата на Литванија денеска соопшти дека одлучила да затвори два од шесте гранични премини кон Белорусија поради зголемените тензии во односите со соседот.
Два селски премини, кои не ги користеа комерцијалните возила, од петок ќе бидат затворени.
Литванската влада информира дека ќе бидат затворени премините Тверециус и Сумскас, а сообраќајот ќе биде пренасочен кон граничниот премин Медининкаи, кој е најголем од шесте контролни пунктови во Литванија.
Одлуката е донесена бидејќи Литванците се повеќе се загрижени за присуството на платеници од групата Вагнер, поврзани со Русија во Белорусија.
Соседна Полска годинава ги затвори сите гранични премини со Белорусија освен еден, откако во таа земја беше затворен полски новинар и протерани полски дипломати.