-Ако сакате да имате силна држава, или ако видите силна држава како функционира вие гледате по културата. Ако има здрава култура, ако има здрава национална стратегија каде се движи тоа значи дека и државата е на стабилни нозе, рече Зоран Љутков, претседател на комисија за култура при ВМРО-ДПМНЕ член на ИК во вчерашната емисија „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.

Љутков посочи дека кога ќе се културата и спортот во една земја силни тоа значи дека таа има и добра економска состојба.

-За било која институција вие да го менувате главното раководство не може да просперира. И да речеме да е најситната институција. А, не пак да зборуваме за една стратегија, за една голема институција како што е министерството за култура. Од самиот старт морам да кажам се појави Алаѓозовски како првиот министер за култура од Владата на СДСМ. И носите стратегија за култура 2018-2022 и вие имате реализација на само 3-4%, еве и да се 5%. Во стратегијата не се само проектите тука се и капиталните инвестиции, археологијата. Значи во стратегијата има за се точки, бидејќи истата треба да ги опфаќа сите дејности во културата, и со тој документ треба да кажат каде ќе се движат во наредниве четири години како нова власт. И ние очекуваме до крајот на мандатот 2022 година да видиме дека реализирале минимум 80% од стратегијата и тогаш ќе речеме да вие сте успешни. Но власта досега имаше само 5% реализација од стратегијата, нагласи Љутков.

Љутков посочи дека комисијата за култура при ВМРО-ДПМНЕ ги следи сите процеси на позицијата.

-Ниту короната не може да биде оправдување. Тоа е само знак на немоќ. Вие не можете да ја направите стратегијата и да бидете сигурни дека ништо нема да тргне наопаку, не дај Боже ќе се случи нешто. Еве пример е пандемијата. Но, вие морате да си имате предвид што ќе се случува. Не може да не изненади снегот секоја година во зима. А, знаеме дека ќе дојде снег, рече Љутков.

Љутков укажа дека фактот што после една година е сменет Алаѓозовски и министерството е дадено на коалиционен партнер, тоа е знак дека тие немале апсолутно никаква стратегија.