Министерот за правда Кренар Лога вели дека секој судски случај е засебен и во моментов не може да каже дали, и кој точно ќе куртули од затвор ако пратениците го усвојат неговиот предлог-закон за амнестија. Тој на денешната средба со новинарите кажа дека предложениот закон е ист со оној што беше предложен во 2018 година со тоа што во овој предлог-закон се додадени уште неколку кривични дела за кои амнестијата нема да важи и дека овој закон ќе важи за „помалите кривични дела’. Тој тврди дека со овој закон амнестија за именуваните функционери нема да има.
Во јавноста преовладува мислење дека овој закон за амнестија е нов но тоа е истиот закон што беше донесен во 2018 година, а предлагачи беа сите политички партии. Во овој предлог-закон сега се додадени неколку кривични дела кои нема да бидат опфатени со амнестијата, изјави министерот за правда Кренар Лога на денешната средба со новинарите.
„Тоа се кривични дела поврзани со корупцијата, со семејното насилство и разбојништвото. Затоа тврдам дека ниту еден именуван функционер нема да биде опфатен со новиот закон за амнестија. Очекувам поддршка од сите пратеници затоа што ова не е закон за дневно-политичка употреба туку е закон за да ги исполни целите што се наведени во предлог-законот за амнестија, затоа што државата не е на тоа ниво да одговори на стандардите кои што веќе се дел од нашиот систем. Затоа осудените за помали кривични дела треба да излезат од затворите за да после да не вратат дома како насилници или тешки криминалци“, рече Лога.
Прашан дали Хаки и Фејзи Азири, двајцата осудени во случајот Монструм за шесткратното убиство кај Смилковското езеро во 2012 година ќе излезат на слобода со овој закон за амнестија, Лога кажа дека прашањето е тенденциозно.
„Прашањето е тенденциозно и се врзува само со еден предмет. Кажав дека овој закон е ист со оној од 2018 година. Ако таквите дела за кои што се осудени двајцата биле опфатени со законот од 2018 година тогаш тие пак ќе бидат амнестирани. Законот не навлегува во конкретни предмети. Кој ќе биде опфатен со амнестијата ќе биде пресметано од страна на Управата за извршување санкции. Повикувам да не се игра со имиња и со емоции затоа што да бидеме начисто, од затвор нема да излезат академици туку луѓе осудени за кривични дела. Само во ВМРО-ДПМНЕ може да се случи криминалец да влезе во затвор, а да излезе како академик и да се пречека во белата палата како да е некој јунак“, рече Лога.
Прашан дали ако предлог-законот за амнестија биде блокиран, како што најави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Лога рече дека не го очекува тоа.
„Затоа што ако се случи тоа, ВМРО-ДПМНЕ или било која друга политичка партија која сака да игра предизборни игри ќе треба да се погледне во огледало и сама да се демантира поради истиот овој закон од 2018 година“, рече Лога.
Прашан што ќе се случи ако ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандман за амнестија на осудените за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, тој рече дека ако е во рамките на прифатливото зошто да не се случи тоа.
Образлагајќи ја втората цел на законот, растоварување на затворите поради пренатрупаност и лошите услови што владеат во нив, Лога рече тој прави сѐ, особено со странските партнери за подобрување на условите и овозможување услови за ресоцијализација на затворениците внатре во затворите за да не мора да бидат пуштени на слобода.
„Готов е проектот за изградба на нова зграда во затворот во Идризово па така за 6 до 7 месеци по завршувањето на тендерската постапка која треба да започне на крајот на ноември, ќе може да почне изградбата на новата зграда. Истата треба да биде изградена за околу четири години“, рече Лога.
Во рамки на преземените активности за намалување на бројот на затвореници во затворите, Лога се пофали со процесот на пробација.
Дијана Геровска од одделение за пробациски работи при Управата за извршување санкции информираше дека од 2017 година кога за прв пат беше отворена првата пробациска канцеларија сега, шест години подоцна има 11 вакви канцеларии со 28 службеници кои работат на 450 активни предмети.
„Преку почеста примена на пробацијата се кратат и трошоците по државата затоа што еден ден затвор државата ја чини околу 1000 денари, а со пробација е околу 50 денари. Затоа ова нека биде порака до судиите да се изрекуваат повеќе алтернативни мерки онаму каде што тоа го дозволува законот, а мерките со надзор да бидат подолги“, рече Геровска.
Според податоците на Министерството за правда во Македонија има 2114 затвореници заклучно со 26 септември 2023 година. Од нив целосно ќе бидат амнестирани 286 затвореници, а делумно 996 затвореници. Дполонително, 2813 осуденици чекаат да влезат во затвор, но министерството за сега нема податоци колкумина од нив ќе бидат амнестирани.