Локализиран пожарот во фабриката Мирана
Пожарот во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес е локализиран и ставен под контрола, но на одредени места сè уште се забележува слаб чад. Пожарникарите и останатите служби и утрово се на терен, за да спречат можност од повторно разгорување, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според првичните информации на СВР Велес, огнот зафатил магацин со пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација и други предмети.
Во гаснењето биле ангажирани три противпожарни возила од Територијалната противпожарна единица Велес, со екипи од три смени. Бројот на пожарникарите не е официјално прецизиран. Дополнително, интервенирало и едно возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјализирани пренаменети возила на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). На местото присуствувале и шест полициски службеници од СВР Велес.
ЦУК наведува дека, според информациите од СВР Велес и ТППЕ Велес, пожарот бил пријавен во противпожарната служба во 22:00 часот, а во полицијата во 22:20 часот на 4 август 2025 година. Локализацијата е постигната во 04:00 часот на 5 август.