Кандидатите за градоначалници и советници имаат време до крајот на денот да ги достават своите листи во општинските и градските комисии

Сите политички партии и независни кандидати кои сакаат да се натпреваруваат на Локалните избори закажани за 19 октомври 2025 година, можат своите кандидатури за градоначалници и листите за членови на советите да ги поднесат преку овластените предлагачи во просториите на Општинските изборни комисии (ОИК) и Изборната комисија на Град Скопје (ИКГС). Крајниот рок за поднесување е до полноќ.

По приемот на листите, ОИК проверува дали тие се поднесени во утврдениот рок и дали се составени согласно Изборниот законик. Сите кандидати за градоначалник мора да ги исполнуваат условите од член 7 став (2), (3) и (4), а надлежните институции се должни да ги достават податоците електронски во рок од 24 часа.

Доколку се утврдат неправилности, ОИК или ИКГС ќе ги повикаат подносителите да ги отстранат во рок од 48 часа. При потреба, кандидатите што не ги исполнуваат условите можат да се заменат со други во истиот рок.

Сите листи добиваат единствен реден број што важи во сите општини и во Градот Скопје. Ждрепката за утврдување на редоследот ќе се одржи најдоцна на 25 септември, а овластените претставници ќе бидат известени еден ден претходно.

Објавувањето на листите ќе се случи најмалку 23 дена пред изборите, а во општините каде што над 20% од граѓаните зборуваат друг службен јазик, листите ќе бидат објавени и на тој јазик.

Политичките партии учесници на изборите до 27 септември ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори, со што се обезбедува транспарентност и почитување на правилата во целокупниот изборен процес.