Претседателот Стево Пендаровски вели дека нема да ги потпише измените на Изборниот законик во сегашната форма, пред се поради двата проценти праг наменети за независни кандидати. Предложените измени на Изборниот законик би го добиле потписот на шефот на државата само доколку во однос на прагот за независните кандидати се постигне поширок консензус меѓу партиите.
Шефот на државата смета и дека е непримерно за толку кусо време пред изборите да се менува Изборниот законик, што не е согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР, тоа да не се прави шест месеци пред избори.
Измените на Изборниот закон на предлог на група пратеници веќе влегоа во собраниска процедура и тие освен препораките на ОБСЕ/ОДИХР, содржат и компромисен предлог за начинот на спроведување на престојните локални избори. Отворените листи се дел од компромисниот предлог, како и прагот од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но реакциите особено беа во однос на два отсто изборен праг за оние кои на изборите сакаат да учествуваат со независни листи.
Покрај дел од помалите политички партии, забелешки на предложените измени на изборните правила искажаа и Антикорупциската комисија, Транспаренси интернешенел Македонија и повеќе граѓански здруженија. Тие сметаат дека носењето на измените во Изборниот законик непосредно пред започнување на изборниот процес се спротивни на препораките дадени во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР и на добрите практики со кои се препорачува стабилна изборна рамка.
Собранискиот спикер Талат Џафери во однос на измените на Изборниот законик вчера на средба со новинарите не сакаше да прецизира дали ќе бидат донесени пред годишниот одмор на пратениците што започнува на 1 август. Напомена дека матичната Комисија за политички систем треба да ги заврши амандманите. Голем дел од поднесените амандамни кои се околу над 700, се формално уредни, додаде Џафери.
Министерот за правда Бојан Маричиќ, пак, очекува да има промени и подобрувања во текстот на Изборниот законик. Вели дека начелно е постигната согласнот меѓу големите четири партии во која насока да се оди, и очекува веднаш по одморите, на средина на август, измените да бидат изгласани во Собранието.
-Изборниот законик е комплициран за донесување и секогаш сме го носеле со консензус. Во овој момент се уште се работи на тој текст. Постои предлог во Собранието, потпишан од неколку пратеници координаторите на четирите најголеми партии, но тоа не значи дека во таа форма конечно ќе биде донесен. Има уште време, иако не премногу, но верувам дека по одморите ќе биде донесен, рече вчера Маричиќ во гостување на Канал 5.
Посочи дека идејата е во законот да се имплементираат сите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и да се направат подобрувања на процесот, во интерес на демократизација на изборите и поголемо учество на граѓаните.На забелешките Левица зошто за овој закон се договараат само најголемите партии, а не и помалите, Маричиќ рече дека вообичаено Изборниот законик досега се договарал токму меѓу четирите најголеми партии, кои имаат членови во Државната изборна комисија.
-Овој пат имаше работна група во Министерството за правда, која направи основен текст, потоа четирите најголеми партии го разгледаа и дадоа свои забелешки. Го изменија текстот, и потоа текстот беше консултиран за првпат најинклузивно што е можно со помалите партии во Собранието, кои немаат пратеничка група, меѓу кои и Левица, рече Маричиќ.
Министерот подвлече дека во однос на Изборниот законик и ОБСЕ и претседателот го кажале своето мислење, но како што рече, подобро е да се почека за да се увиди во која форма ќе биде донесен законот и со кои решенија, за да може потоа да се коментираат наредните постапки.
Тој напомена дека консултациите траат постојано, односно темата е отворена веќе неколку месеци.
-Во оној момент кога ќе имаме законски текст кој ќе биде усогласен, и за кој ќе сметаме дека ќе биде подобар од овој кој што е во моментов во Собранието, ќе биде повторно предложен и тој ќе биде изгласан. Меѓутоа во секој случај добро е да има измени на Изборниот законик, во смисла на препораките на ОБСЕ/ОДИХР пред се, но и некои други решенија кои се битни за изборниот процес пред да одиме на избори во октомври, рече министерот за правда Бојан Маричиќ.