Лорета Георгиева осомничена за измама и прибавување противправна имотна корист

Полицијата поднесе кривична пријава против поранешна членка на Судскиот совет – Лорета Георгиева, која е осомничена за измама. Таа се сомничи дека како службено лице сторила кривично дело „измама во службата“ според член 355 став 1 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

Лорета Георгиева е контроверзен лик во македонското правосудство. За неа се говореше дека кариерата и напредувањето ѝ биле поврзани со политичко влијание и поддршка од кланот Заеви. Таа учествувала и во внатрешни конфликти во Судскиот совет. Во една објава во медиумите се спомнува дека по нејзина интервенција, во Советот биле вршени проверки на камери во канцелариите, откако еден член пријавил дека некој му влегувал и му претресувал документи. Георгиева поднела поплаки до претходната претседателка Дамева дека се чувствувала „таргетирана“ по гласањето за нејзиното разрешување.

Лорета Георгиева се доведува во врска и со врховниот судија Наќе Георгиевски, осуден за примање мито. Се тврдеше дека Георгиева претходно го спасила од разрешување врховниот судија, исто така близок до кланот Заеви. Во јавноста се шпекулираше дека Георгиева била сопруга на личност поврзана со политички кругови.

Детали од кривичната пријава

Полицијата тврди дека Л.Г. (57) од Струмица, како службено лице – член на Судски совет, во периодот од 26 август до 15 јануари 2024 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, не пријавила промена во имотната состојба на членовите на семејството. Таа не поднела навремено известување до претседателот на Судски совет дека нема да користи патни трошоци за релацијата Струмица-Скопје, со што го довела во заблуда Советот и добила надоместок за превоз.

Полицијата потсетува дека како судија од Основен суд Струмица во 2018 година била избрана за член на Судски совет од редот на судии од апелационо подрачје Штип. Согласно член 8 од Законот за платите на членовите на Судскиот совет, членот има право на надомест за трошоци за превоз во висина на вистинските трошоци за јавен сообраќај. Л.Г. поднела барање со копија од лична карта, одлука за избор за судија и заверена изјава дека таа или член од семејството немаат недвижен имот во местото на извршување на функцијата.

Во 2022 година, нејзината ќерка се стекнала со недвижен имот во Скопје, но Л.Г. не поднела навремено известување. За периодот од септември 2022 до декември 2023, во 15 наврати ѝ биле исплатени патни трошоци во вкупен износ од 291.040 денари, со што Л.Г. се стекнала со противправна имотна корист на штета на буџетот на Судски совет на РМ.