Пополнување на правните празнини

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска порача дека државата не смее да дозволи законски празнини кои ја загрозуваат примената на Уставот и владеењето на правото. Таа потенцираше дека пополнувањето на правните празнини треба да биде приоритет во идните уставни и законски измени.

Одговарајќи на новинарско прашање „дали е во контакт со институциите за надминување на проблемот со Кривичниот законик откако помина шестемесечниот рок што го даде Уставниот суд, а Собранието не донесе нов“, Сиљановска Давкова рече:

„Не сум, бидејќи јас не сум овластен предлагач за закони, ниту за измени, но знам дека деновиве добивме врз основа на слободен пристап до информации барање за тоа кога претходниот претседател ги потпишал измените, кој ден и слично. Инаку, одлично прашање. Мора да научиме лекции. Кога Уставниот суд ќе донесе одлука без оглед дали се однесува на независните листи или на кое било друго прашање, еве на прашање од кривичната материја, тој му кажува на Собранието дека како законодавец веднаш треба да посегне кон пополнување на правната празнина. Лошо е да има правни празнини. Во некоја идна уставна измена, ама која ќе се концентрира на проблемите што произлегуваат од досегашното спроведување на Уставот, мора да размислиме и за ова.“

Претседателката истакна дека веднаш треба да се почне со пополнување на правните празнини и дека не смее да се дозволи ситуација со сегашните законски решенија.

„Во некои држави, како во Франција, законите што се носат со двотретинско мнозинство прво се разгледуваат од Уставниот совет, односно уставниот суд, па потоа се објавуваат. Во Словенија, во други држави, законите пред да бидат изгласани се даваат на мислење на Уставниот суд. Тие веднаш треба да почнат со пополнување на правната празнина. Затоа се чудиме со решенијата што ги имаме сега, не смее тоа да ни се случи“, рече Сиљановска Давкова.

Одлуката на Уставниот суд

Уставниот суд во февруари годинава поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик од септември 2023 година, кои вклучуваа намалување на казните за функционерите. Како што изјави тогаш претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, Судот изразил сериозен сомнеж за уставноста на оспорениот закон во целина и донел одлука да му наложи на Собранието во рок од шест месеци да ги направи неопходните измени и да се усогласи со аргументите на Судот.