Даночната реформа е во фаза на подготовка и ќе донесе промени кај ваучер системот, како и стеснување на листите на добра и услуги со повластени даночни стапки, изјави денеска директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.
-Ќе има промени во делот на ваучер системот. Тоа се работи интензивно во дел на една работна група, односно да го закајнеме контролниот механизам. Меѓутоа, сепак и тоа ќе биде дел од даночната реформа, ќе има ревидирирање на онаа листа што значи добра и услуги со пет проценти повластена стапка, и она што значи добра и услуги со 18 проценти повластена стапка. Исто така, ќе има ревидирање на одредени даночни ослободувања и олеснувања за посебни целни групи за да видиме дали истите тие целни групи го даваат соодветниот ефект во полнењето на буџетот, изјави Лукаревска на новинарско прашање по дебатата за женско претприемништво организирана од УЈП.
Таа не сакаше да го коментира интервјуто на министерот за финансии за Дојче Веле кој спомена дека ќе се интервенира, кај ДДВ-то, Данокот на личен доход и данокот на добивка, и најави дека тоа ќе биде тема на разговор на денешниот состанок во Министерството за финансии каде што се дефинираат сите поенти од даночната реформа, која откако ќе се дефинира ќе биде споделана со јавноста и даночните обврзници.
Лукаревска потврди дека ќе се стеснува групата на производи со повластени даночни стапки бидејќи вели, сме една од ретките земји и во регионот и во Европа кои што имаат многу голем број и на услуги и на производи кои се одданочени со повластена даночна стапка од пет отсто.
Посочи дека од системски аспект УЈП ќе се обидат да ги запазат сите рокови со цел брза имплементација на промените во даночниот систем кој би требало да почне да се спроведува од 1 јануари, следната година, потенцирајќи дека ќе инсистираат навреме да бидат информирани за сите детали како институција која е главна спрега меѓу Министерството за финансии, компаниите и физичките лица.
Лукаревска се осврна и на евентуалните избегнувања на наплата на ДДВ од страна на фирми кои од отворен се префлија на регулиран пазар на електрична енергија.
– Ние го добивме список пред можеби една недела, претходно список на такви фирми немаме добиено, како што беше испрезентирано во јавноста. Направивме координиран состанок со Финансовата полиција и со претставници од Регулаторната комисија за енергетика. Во делот на постапувањето Финансовата полиција со свои екипи е излезена на терен и направена е контрола на дел од тие компании. По нивните утрврдени наоди, тогаш ние ќе имаме можност да постапуваме. Во моментот Законот за енергетика е оној по кој што треба да се постапува и од Министерство за економија и од страна на РКЕ, рече Лукаревска.
Во однос на капацитетите на инспекторатите, Лукаревска вели дека сите инспекторати имаат проблем со намален број инспектори, и најави дека тоа ќе се решава со огласи за нови вработувања, но и со трансфери на вработени од други институции кои ќе треба да поминат низ соодветна обука.
Анета Трајковска од Стопанската комора на Македонија која учествуваше на дебатата за женско претприемништво, на новинарско прашање го искажа ставот на Комората дека во услови на енергетска криза и непредвидливиот драстичен раст на цената на енергенсите на слободниот пазар инсистираат да се проецни повторно дали е ова време да се отпочне со каква било даночна реформа што ќе значи дополнително оптоварување на работењето на бизнисот.
-Планирањата на бизнис заедницата се нарушени од неколку аспекти: од цената на енергенсот, кој што се уште не знаеме колку ќе чини, и на кој начин ќе биде поддржано македонското стопанство имајќи предвид дека сите стопанства од регионот се на соодветен начин поддржани во користењето на цената на електричната енергија, дополнително ако ја добиеме и неизвесноста во делот на даночното оптоварување, прашање е на време кога и колку нашите компании ќе можат да го издржат ова оптоварување, рече Трајковска.
Во пресрет на одбележувањето на Денот на даночните работници „Св. Матеј“, Управата за јавни приходи, денеска организираше тркалезна маса во Скопје на тема „Женското претприемништво во Република Северна Македонија и неговата улога во даночниот систем“. По тој повод Лукаревска изјави дека од 104 507 активни даночни обврзници во земј ава 27 111 се водени од страна на жени и сите заедно обезбедуваат приход од 230 милијарди денари и даваат плата на 121 693 работници.
На настанот присуствуваа сопругата на Претседателот на РСМ, Елизабета Ѓоргиевска, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, амбасадори, пратенички од Собранието на РСМ, претставници на меѓународни организации, претставнички на Здруженија на жени претприемачки, на Стопански комори и Занаетчиска комора.