За Карпош Сотир Лукровски, кој доаѓа од приватниот сектор, има успешна професионална кариера со менаџерски способности. Ова денеска по состанокот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ го изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски за кандидатурата на Лукровски за градоначалник на Општина Карпош.
Лукровски е еден од ретките од листата кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ кој нема претходна политичка кариера. Тој е роден карпошанец, сопруг и татко на три деца, дипломиран економист и доаѓа од менаџерска позиција во една од најголемите домашни компании.
Лукровски е по потекло од Егејска Македонија и е повеќегодишен граѓански активист и борец за правата на Македонците во Грција. Таа негова активност му донесе и забрана за влез кај нашиот јужен сосед.
„Првично можам да ветам само многу работа, чесно и транспарентно работење, поддадена рака секому. Можам да ветам многу љубов за Карпош”, изјави Лукровски по денешната кандидатура.