Луксузниот воз „Golden Eagle Danube Express“, кој на 6 октомври запре во Сараево, во наредните две години ќе ја реализира туристичката тура „Balkan Explorer“. Најевтината карта во 2027 година ќе чини 23.600 евра по лице. Патувањето трае 12 дена и ги поврзува познатите туристички центри.

Организаторот „Golden Eagle Luxury Trains“ на својата официјална веб-страница ги објави термините за патувањата. Планирани се три поаѓања од 7 до 18 мај, од 10 до 21 септември и од 19 до 30 октомври. Маршрутата ги опфаќа градовите Венеција, Трст, Постојна, Пула, Риека, Сараево, Мостар, Белград, Софија, Пловдив и Истанбул.

Возот на 2 октомври тргна од Венеција и преку Добриљин влезе во Босна и Херцеговина, по што на 6 октомври пристигна во Сараево. Патниците имаа можност да го разгледаат градот со посета на музеи, како и да уживаат во вечерната програма на Куќата на севдахот. Од таму, возот ја продолжи турата кон Белград, Скопје, Софија, Пловдив и Истанбул.

Освен Сараево, туристите ќе го посетат и Мостар, додека во Венеција ќе можат да уживаат во возењето со гондола. Турата, исто така, опфаќа посета на Постојнската Јама, разгледување на римскиот амфитеатар во Пловдив и посета на Сината џамија во Истанбул.

Цената зависи од избраната класа на сместување и од тоа дали патникот патува сам или со придружник. Во „Делукс“ класата, билетот за едно лице во двокреветна кабина чини 23.600 евра, додека за еднокреветна кабина се плаќа 35.400 евра. Во „Делукс Супериор“, цената за едно лице во двокреветна кабина изнесува 30.700 евра, додека за самостојно патување сумата достигнува 51.200 евра. При резервирањето се уплаќа задолжителен депозит во висина од 25 отсто од вкупната сума.

За 2028 година се планирани три нови поаѓања во мај, септември и октомври. Најевтината понуда за „Делукс“ тогаш ќе изнесува 24.800 евра по лице, додека највисоката ќе достигне 53.800 евра во „Делукс Супериор“ за патник.

Во цената се вклучени хотелски сместувања во Венеција и Истанбул пред и по патувањето, стручна лекарска помош, како и престој во приватни кабини со целосна услуга за патниците. Во пакетот се вклучени 11 појадоци, 10 ручеци и 11 вечери подготвени со локални намирници, алкохолни и безалкохолни пијалаци, како и екскурзии предводени од искусни туристички водичи.