Љупчо Путер Николовски, кој во својата кариера остана запаметен по гломазно презентираната акција за заплена на стотина килограми путер, не е релевантен да зборува на ниту една тема, особено не на тема корупција, реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на прес конференцијата на Николовски.
Сега, за разлика од времето на СДС одговорност има за секој сторен криминал. Одговорноста во случајот со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието е брза и недвосмислена. Во време на СДС одговорноста беше мисловна именка, дури и кога доказите излегуваа во јавност, СДС ги бранеше своите функционери и до последен момент овозможуваше тие здружно да ја крадат државата.
Во врска со манипулациите дека ИПАРД средствата се запрени, одговорно тврдиме дека е лага. Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата на коишто сме како држава корисници. Напротив, нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои што ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел.
Веднаш по акцијата која што ја спроведе Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, преземени се дополнителни активности со цел да се провери работењето на самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Ќе се преземат одредени активности во делот на контролните механизми, во делот на исплатата на ИПАРД средствата, а потоа се ќе продолжи во планирана динамика, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
