Реализирани 72 проценти од програмата во културата
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков соопшти дека од вкупно 98 проекти и активности предвидени во владината програма во делот на културата, завршени или во тек на непречена реализација се 73.
Според него, тоа претставува реализација од 72 проценти, додека проектите што сè уште не се започнати се капитални инвестиции предвидени за реализација до крајот на 2034 година.
Љутков истакна дека во 2024 година Министерството наследило култура без стратегија, без јасно утврдени приоритети и акциски план, како и долг од 273 милиони денари само по основ на плати во националните и локалните установи.
Поддршка за установите и зголемени програмски средства
Министерот посочи дека со првиот ребаланс на Буџетот биле обезбедени средства за покривање на долгот, како и дополнителни 71 милион денари за програмски активности и над 78 милиони денари за инфраструктурни проекти во општините.
По две години работа, како што информираше Љутков, во завршна фаза се три стратешки документи: националните стратегии за развој на културата, за културно наследство и за развој на туризмот. Паралелно, се работи и на суштински измени на повеќе закони.
Тој нагласи дека програмските средства во културата се зголемени од 768 милиони денари во 2023 година на една милијарда и 71 милион денари во 2026 година, што претставува раст од речиси 40 проценти. Според Љутков, сопствените приходи на националните установи се зголемени за повеќе од 150 проценти во споредба со 2023 година.
Капитални инвестиции, културно наследство и филмска дејност
Во делот на капиталните инвестиции, Љутков соопшти дека средствата за капитални проекти се зголемени од 230 милиони денари во 2023 година на 485 милиони денари во 2026 година, односно за над 110 проценти.
Тој посочи дека во тек е реализација на капитални проекти кои, како што рече, со години биле најавувани, но не биле реализирани. Како пример ја наведе реконструкцијата на Универзалната сала, за која изрази задоволство од динамиката на изведба.
Во отчетот, Љутков се осврна и на заштитата на културното наследство, истакнувајќи дека таа конечно го добива третманот што го заслужува. Меѓу проектите го спомена и возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник.
Министерот информираше и дека буџетот на Агенцијата за филм е зголемен од 100 милиони денари во 2024 година на 187 милиони денари во 2026 година, со што, според него, се создаваат услови за поголема филмска продукција.
