Во интервју за Асошиетед прес, како што пренесува Бета, Маријано Гроси рече дека му порачува на Техеран дека „нема шанси да се заобиколат“ инспекторите на МААЕ доколку Иран сака да биде „почитувана земја во заедницата на нациите“.

– Ако меѓународната заедница преку нас, преку МААЕ, не гледа јасно колку центрифуги (Иран има) или колкав капацитет може да има, она што го имате е многу заматена слика. Тоа ќе ви даде илузија на вистинска слика, а не вистинска слика, изјави Гроси.

Неодамна обновените виенски разговори за заживување на меѓународниот нуклеарен договор на Техеран и големите сили досега не дадоа опипливи резултати.

Откако Соединетите Американски Држави го напуштија нуклеарниот договор во 2018 година и повторно воведоа остри санкции кон Техеран, Иран почна да збогатува ураниум до ниво од 60 проценти чистота, што е многу близу до ниво од 90 проценти, доволно за нуклеарно оружје.

Иранските резерви на збогатен ураниум значително растат надвор од рамките на договорот од 2015 година, со кој Техеран се согласи да ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за укинување на економските санкции.

Техеран користи и сè понапредни центрифуги кои, исто така, се забранети со договорот.